Уметнички инсталации кај некогашните кино „Карпош“ и диско „Турист“


Две нови скулптурални инсталации во јавен простор, насловени „Урбани топоними – акции  наменети за зачувување на спомените на градот“ се поставени денеска на две локации – киното „Карпош“, каде што со свое дело интервенираше младиот уметник Андреј Миневски, и некогашното диско „Турист“ каде што е поставено делото на Ѓорѓе Јовановиќ.

Центарот за современи уметности Скопје и Општина Центар соопштија дека идејата на овој проект е да ги означи значајните урбани топоними (микролокации) во Општина Центар кои се непознати за помладите генерации скопјани и за многу граѓани од цела држава кои се доселени во главниот град.  Но за Скопје и за повозрасните скопјани,  посочуваат, тие се значајни места на кои се темели ориентацијата низ центарот на градот.

 

– На овие две локации се поставени урбани инсталации кои го збогатуваат и го објаснуваат локалниот контекст низ визуелниот приказ на уметноста, воедно давајќи му на реципиентот/гледачот директни информации за локацијата и нејзината урбана и сторија и меморија. Едновремено, покрај секоја инсталација се поставени и табли со текст кој низ урбани наративи ја објаснуваат акцијата и локацијата и нејзиното значење за градот, соопшти Општина Центар.

Целта на оваа акција е да се придонесе кон трајно меморирање на битните микролокации во Центар и зачувување на овие урбани топоними за наредните генерации.

– Во рамките на проектот, секој урбан топоним е предмет на интервенција на еден  уметник. Секој уметник беше помогнат од тим составен од визуелен уметник, претставник на Центарот за современи уметности и консултант односно антрополог кој се занимава со прашањата на градот и неговата колективна меморија, соопшти Општина Центар која финансиски го поддржа проектот.