Улична револуција во Шри Ланка, демонстрантите ја освоија резиденцијата на претседателот

Шри Ланка е веќе држава во стечај. Луѓето се очајни и гневни. Главната вина е е кај претседателот Раџапакса


Демонстрантите во дворот на резиденцијата на претседателот (Фото: АФП)

 

По неколкумесечни протести, илјадници демонстранти денеска упаднаа во резиденцијата на претседателот на Шри Ланка Готабаја Раџапакса во главниот град Коломбо. Обезбедувањето го премести претседателот на друга, побезбедна локација.

Околу 100.000 демонстранти од целата земја се собраа во Коломбо барајќи оставка на Раџапакса поради катастрофалната економска ситуација: инфлацијата е надвор од контрола, има недостаток на енергија, па дури и храна и лекови. Илјадници луѓе патуваа до квартот во Коломбо каде што се наоѓа претседателската резиденција со автомобили, автобуси, па дури и „запленети“ возови.

Извикувајќи слогани, тие пробија неколку полициски кордони и стигнаа до резиденцијата, пренесува Ројтерс. Полицијата пукаше во воздух за да ги растера демонстрантите, но на крајот не можеше да ги спречи да упаднат во комплексот.

Видеата кои кружат на социјалните мрежи покажуваат како демонстранти пливаат во базенот на претседателот.

Луѓе од целата земја се собраа денеска во главниот град Коломбо

Владата се обиде да ги спречи демонстрациите со воведување полициски час во петокот вечерта, но демонстрантите не беа одвратени. Забраната подоцна беше укината откако опозициските партии и невладините организации протестираа.

Во саботата демонстрантите носеа црни и национални знамиња и извикуваа „Гота, оди ци дома“, што е скратена верзија на името на претседателот.

Сликите од местото на настанот покажаа демонстранти како ги преплавуваат големите скалила на зградата од колонијалното време, извикувајќи претседателот да си оди. Имаше сцени на веселба додека некои легнаа на креветите, а десетици скокаа во отворениот базен и лежеа на тревниците во градината.

Според Министерството за одбрана, Раџапакса бил преместен од куќата во петокот и однесен во воена заштита поради загриженоста дека планираниот протест би можел да ескалира. Неговата локација беше непозната во саботата, а имаше гласини дека тој побегнал од земјата.

Канцеларијата на претседателот во Коломбо, исто така, беше преземена од илјадници демонстранти, кои го нарушија обезбедувањето и барикадите и упаднаа во зградата.

Сампат Перера, 37-годишен рибар, дојде на протестот во преполн автобус од крајбрежниот град Негомбо, 45 километри северно од Коломбо.

„Безброј пати му кажавме на Гота да си оди, но тој и понатаму останува на власт. Нема да застанеме додека тој не нè сослуша“, изјави Перера. Тој е еден од милионите на кои им се заканува хроничен недостиг на гориво и инфлацијата, која во јуни достигна 54,6 отсто.

Во големите градови треба да се чека со часови за да се купи гориво, а поради недостиг на некои места е забрането да се купуваат енергетски производи за сите освен за полицијата, војската и медицинските служби.

Премиерот Ранил Викремесинге изјави дека земјата со 22 милиони жители започнала преговори со Меѓународниот монетарен фонд, но дека разговорите се „тешки“ бидејќи таа повеќе не е земја во развој, туку држава во стечај.