Улицата во Тирана каде се наоѓа и руската амбасада го доби името „Слободна Украина“


Албанија – По предлог на градоначалникот Ерион Велиај, на попладневната вонредна седница, Советот на општина Тирана, доднесе одлука улица во албанската метропола да се именува „Слободна Украина“.

Станува збор за дел од улицата во блокот каде што се наоѓаат амбасадите на Украина, на Русија, на Србија и на Косово.

Велиај изјави дека солидарноста на Албанија со украинскиот народ е уште поголема поради искуството со војната во Косово.

-Тоа е уште една симболика дека не можеме да стоиме со скрстени раце. Неслучајно на таа улица се наоѓаат и амбасадите на Русија, Србија и Косово. Важно е да се зборува со симболика. Но, треба да зборувате како што треба, треба да дејствувате правилно и да ги правите вистинските гестови за доброто на човекот. Тоа е симболичен знак на пријателство. На овој начин, прво јавно ја докажуваме нашата поддршка и второ, направивме хуман гест, рече меѓу другото Велиај.

Додаде дека Република Албанија, во продолжение на својата политика на поддршка кон Украина, предложила заедничка резолуција со Соединетите Американски Држави за да се осуди рускиот напад врз Украина. Исто така, пред неколку дена премиерот Еди Рама во директен разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски и ветил практична помош за народот на Украина.

-Во оваа ситуација, како европска младинска престолнина, инспирирана од многу млади момчиња и девојки, но и полна со обични граѓани, решивме да не останеме рамнодушни. Затоа ги здруживме силите во солидарноста да собереме и испратиме што е можно поголема помош за Украинците. Веќе има 1.500 семејства кои искажаа подготвеност да примат бегалци. Тоа го докажавме и за време на војната во Косово, рече меѓу другото градоначалникот.

Својето обраќање го заврши подвлекувајќи го фактот дека „нашата земја е оаза на надеж, можеби не на големо богатство но дефинитивно на дарежливост и големо срце“.