Улица „Мица“ број шлаканица!


Фото: Б. Грданоски

Со неколку лесни чекори на онлајн-платформата на страницата на Град Скопје, граѓаните може да даваат предлози за имиња на улици, булевари, мостови, плоштади, паркови и други инфраструктурни објекти во Скопје. Платформата нуди можност за предлози на македонски и на албански јазик. Од предлагачот се бара да го внесе името кое го предлага, а тоа може да биде јавна или историска личност, историски настан, да е топонимиски поврзан или друго. Се бара образложение зошто тоа име смета дека е најсоодветно за некој објект или приказната која стои зад него. Името и презимето на предлагачот, како и неговиот мејл, не се задолжителни, но предлагачот може да ги внесе ако сака да биде информиран дали неговиот предлог е прифатен или не.

По најавата на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, Градот вчера го објави онлајн прашалникот (https://skopjelab.typeform.com/to/tyGGmL) преку кој можат да ги испраќаат своите предлози со одговарање на неколку прашања што одзема не повеќе од пет минути. Прашалникот ќе биде отворен до 18 август, а оние граѓани што не користат интернет своите предлози со кратко образложение можат да ги испратат и преку пошта на адреса на Градот.

Согласно со Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, имињата на градските топоними „можат да бидат определени со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња“.

Предложените имиња од граѓаните ќе ги разгледува Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје која има за задача да состави листа на имињата и да ја достави во форма на предлог до Советот на Град Скопје, кој ќе ја утврди по претходно добиени мислења од општините и по согласност од Владата. Граѓаните ќе можат да предлагаат само имиња на топонимите, но не и локации кои би биле именувани со овие имиња. Комисијата нема обврска сите предлози да ги вклучи во листата која ќе му биде предложена на Советот.

Во членот 6 од истоимениот Закон е пропишано дека не може да се определи име со кое се нарушува угледот на државата, со кое се навредуваат националните чувства на граѓаните на Северна Македонија и на граѓаните на други држави, како и тие со кои се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал. Во едно населено место две и повеќе улици не можат да имаат исто име. Името на топонимот не може да има повеќе од четири збора. При составувањето на оваа листа Комисијата ќе води грижа за застапеноста на предлог-имињата кои означуваат личности и настани од значење за историјата, културата и науката на граѓаните кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во земјава.

 

Преименување до 2008 и во 2013 година

Во изминативе години, имињата на повеќе улици и објекти во Скопје беа сменети, а некои се бришеа и се враќаа:

Булевар АВНОЈ – Булевар АСНОМ,

Булевар „Едвард Кардељ” – Булевар „Александар Македонски”,

Булевар „Југославија“ – Булевар „Никола Карев”,

Булевар „Маркс и Енгелс” – Булевар „ВМРО“

Булевар „Октомвриска револуција“ – Булевар „8 Септември“

Булевар ЈНА – Булевар „Климент Охридски“

Булевар „Иво Лола Рибар – Булевар „Теодосиј Гологанов“

Улица „Маршал Тито“ – Улица „Македонија“

Улица „Васил Чакаларов“ – Улица „Роналд Реган“,

Улица „Адолф Циборовски“Улица „Војвода Васил Чакаларов

Улица „Мајка Тереза– „Адолф Циборовски

Булевар „Водњанска“ – Булевар „Мајка Тереза“

Улица „Мито Хаџивасилев Јасмин” – Улица „Св. Кирил и Методиј”

Улица „Стив Наумов” – Улица „Војвода Васил Аџиларски” – „Филип Втори Македонски”,

Улица „Салвадор Аљенде” – Улица „Тодор Александров”

Улица „Бихаќка” – Улица „Павел Шатев”,

Улица „Ленинова“ – Улица „Аминта Трети“

Улица „Железничка“ – улица „Јордан Мијалков“

Антиквизација vs. СФРЈ

Дел од овие промени што ги спроведе претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ наидоа на отпор кај граѓаните, а беа опишани и како дел од т.н. антиквизација.

Тогаш беше преименуван и аеродромот во Скопје во „Александар Македонски“, а истото име го доби и автопатот од српската до грчката граница. По потпишувањето на Договорот со Грција за промена на името на земјава, автопатот стана „Пријателство“, а аеродромот – Меѓународен аеродром Скопје.

Кон крајот на минатата година советниците на Град Скопје одлучија имињата на новите катни гаражи „Македонска фаланга“ и „Тодор Александров“ да се преименуваат во „26 јули“ и „Беко“. Годинава се промени и името на стадионот, кој од арена „Филип Втори“, стана „Тодор Проески“, што исто така не беше дочекано како соодветно.

Преименувањето на објекти и улици досега секогаш претставуваше политичко препукување. Покрај обвинувањата за антиквизација што ѝ се припишуваа на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на некои имиња од времето кога бевме дел од СФРЈ пак од страна на СДСМ поттикнува обвинувања за враќање кон комунизмот. Дополнително, се поттикнуваат измешани чувства по етничка основа, па така предлозите за преименување училишта во Општина Чаир од македонски дејци со имиња на истакнати Албанци предизвикуваа протест кај населението. „Рајко Жинзифов“, „Цветан Димов“ , „Јане Сандански“ и основното училиште „Никола Вапцаров“ беа преименувани во „Исмаил Ќемали“, „Хасан Приштина“ „Јашар-бег“ и „Имри Елези“.

Проблеми со документација

Кога се менуваат имиња на улици, секогаш се поставува прашањето кое име ќе стои во личните документи на граѓаните. Најчесто, се остава промената на имињата на улицата во документите да се случи при првото редовно менување на личната карта или пасошот, или кога евентуално граѓаните ќе ги изгубат, па вадат нови. Но, со дигитализацијата на мапата на градот, странците кои на „Гугл мапс“ се обидуваат да се снајдат не можат лесно да се ориентираат затоа што таму стои старо име, а на таблата пред нив, друго. Трошок со промената на имињата на улиците секако се и таблите.

Билјана Богдановска