Украинско разузнување: Војната завршува идното лето, некои региони ќе се отцепат од Русија


Шефот на Главната разузнавачка управа на Украина, Кирило Буданов, изјави дека до летото руската војна против Украина треба да заврши и до крајот на годината ќе има позначајни победи на вооружените сили на Украина.

„До крајот на годината ќе направиме значителен напредок, тоа ќе бидат значајни победи, тоа ќе го видите наскоро“, изјави Буданов во интервју за каналот „Јутјуб“ Орестократија.

Буданов се надева дека меѓу победите ќе биде и ослободувањето на Херсон.

„На крајот на пролетта сето ова треба да заврши. До летото се треба да биде готово“, рече тој.

На прашањето дали „завршувањето“ значи достигнување на границите од 1991 година, Буданов рече дека „за почеток ќе ги достигнеме овие граници“.

„По завршувањето на војната ќе започне многу сериозен политички процес поврзан со промените во сегашната Руска Федерација. Некои региони ќе се отцепат од Русија… Москва ќе ни плати репарации, сето тоа ги чека, ова ќе доведе до преселување на одреден економски центар на Руската Федерација на наша територија… т.е. има многу, многу чекори“, рече шефот на разузнавањето.