Украинските сили се доближуваат до „копнениот мост“ меѓу Русија и Kрим, пишува „Њујорк тајмс“


 

Украинските вооружени сили почнуваат да остваруваат позначајни успеси на двете главни контраофанзивни оски. Ова го пренесува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на информации од аналитичари, украински политичари и руски воени блогери.

Според весникот, украинските војници презеле контрола над 16 до 20 километри територија во правец на Бердјанск и Мелитопол. Ова ја принудува Москва да ги прераспредели силите во различни сектори на фронтот. Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон ги нарекува успесите на украинските сили „тактички значајни“, истакнувајќи дека принудните маневри најверојатно дополнително ќе ги ослабат руските одбранбени линии како целина, создавајќи „можности за потенцијално одлучувачки пробив на Украина“.

Вооружените сили на Украина напредуваат кон Мелитопол и Бердјанск преку селото Старомајорскоје во Донецката област и се движат кон селото Урожајное. Доколку успеат да го пробијат Урожајное, ќе бидат на само 80 километри од Бердјанск. Целта на Киев е да стигне до Азовското Море и да го затвори „копнениот мост“ меѓу Русија и Крим, кој е важен за снабдување на руската армија.

Украинската армија го напаѓа Уражајное од 8 август. Ослободувањето на селото може да ги принуди руските трупи да се повлечат на југ, во правец на Старомлиновка, кон втората одбранбена линија. Според украинските аналитичари од истражувачкиот институт DeepState, кои одржуваат онлајн мапа со информации за борбите во Украина, украинските вооружени сили веќе ослободиле поголем дел од селото.

Владимир Рогов, претставник на „администрацијата“ назначена од Русија во анектираниот дел на регионот Запорожје, рече дека украинската војска воспоставила упоруште во северниот дел на Урожане. Генералштабот на вооружените сили на Украина утрото на 13 август објави дека руските војници „направиле неуспешни обиди да ја вратат изгубената позиција во регионот Урожајное“.

Руските Z-блогери, исто така, ја признаваат загубата на Урожајнoe од страна на руските трупи. Според каналот на Телеграм „Воен информатор“, селото го држеле руски  маринци од 40-та бригада: речиси секој од нив бил ранет, а тенковските единици и пешадијата на 37-та бригада не ги поддржале.

Дури и ако украинските сили успеат да ја пробијат првата линија на одбрана на Русија, аналитичарите велат дека ризикуваат да се соочат со најмоќните утврдувања што Москва ги изградила од Втората светска војна: ровови, противтенковски бариери, огромни мински полиња. Сепак, британското разузнавање во саботата соопшти дека руските вооружени сили се соочуваат со „тешки борби на првата линија“ и дека нивните резерви почнуваат да се намалуваат.