Украинскиот „Ф-16“ можеби бил соборен од „пријателски оган“
Украинскиот борбен авион „Ф-16“ можеби бил соборен од сопствената воздушна одбрана на Украина во случај на пријателски оган, изјави извор од воздухопловните сили на земјата за украинската редакција на Гласот на Америка.
Киев соопшти дека „Ф-16“ се урнал во понеделникот за време на мисијата за одбивање руски ракети, потврдувајќи ја првата загуба на еден од борбените авиони од американско производство откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја објави нивната испорака во Украина. Пилотот, потполковник Олексиј Мес, загина во несреќата, соопшти во четвртокот Генералштабот на украинската армија.
Воените авиони „Ф-16“ испорачани од Запад биле користени за време на баражот со проектили и беспилотни летала лансирани од Русија, соопшти Генералштабот, додавајќи дека авионот „ја покажал својата висока ефикасност“ и дека „четири непријателски крстосувачки ракети биле соборени од воздушно оружје“.
„За време на приближувањето до следната цел со еден од авионите… авионот се урна, пилотот загина“, се вели во соопштението.
Украина ја разгледува можноста дека падот на „Ф-16“ е предизвикан од пријателски оган, изјави неименуваниот извор од украинските воздухопловни сили, додавајќи дека истрагата за инцидентот е во тек.
„Се разгледуваат различни верзии, вклучувајќи ‘пријателски оган’ од нашата сопствена противвоздушна одбрана, техничка неисправност и грешка на пилотот“, изјави изворот за Гласот на Америка под услов да остане анонимен. „Сепак, точните причини ќе се знаат дури откако ќе заврши истрагата“.