Украинската православна црква дозволи Божик да се слави на 25 декември

Оваа одлука е уште еден чекор за продлабочување на јазот со Руската православна црква поради инвазијата на Украина


 

Огранокот на украинската православна црква објави дека ќе им дозволи на нејзините цркви да го слават Божик на 25 декември, наместо на 7 јануари, како што е традиционално во православието.

Соопштението на Православната црква на Украина со седиште во Киев го продлабочува јазот меѓу Руската православна црква и другите православни верници, кој веќе е голем поради руската инвазија на Украина.

Одлуката е донесена по„земајќи ги предвид бројните барања и земајќи ја предвид дискусијата што се води долги години во Црквата и во општеството; предвидувајќи, особено поради околностите на војната, ескалација на календарските спорови на јавниот простор“, се вели во соопштението на Православната црква на Украина објавено на 18 октомври.

Секоја црква ќе има можност да слави на 25 декември, што го означува раѓањето на Исус според Грегоријанскиот календар, наместо на 7 јануари, што го означува раѓањето на Исус според јулијанскиот календар, кој сè уште го користи Руската православна црква.

Во последниве години, голем дел од православната заедница во Украина се оддалечи од Москва, движење забрзано од конфликтот што Русија го поттикна во источна Украина, почнувајќи од 2014 година.

Тој раскол стана поотворен во 2018 година, откако вселенскиот патријарх Вартоломеј од Константинопол го одобри формирањето на независна православна црква на Украина и го отповика вековниот договор со кој на патријархот во Москва му се доделува надлежност над црквите во земјата.

Московската патријаршија на Руската православна црква, која стана тесно поврзана со руската држава под рускиот претседател Владимир Путин, одговори со прекин на врските со Вартоломеј.

Потоа, во мај, водачите на Украинската православна црква (УПЦ), друг огранок кој беше формално подреден на Московската патријаршија на Руската православна црква, ги прекинаа врските со московската црква, која ја предводи патријархот Кирил, кој ја даде својата поддршка до инвазијата на Украина и цврсто ја стави својата црква зад Путин.

Во соопштението, УПЦ рече дека се определи за „целосна независност и автономија“ на украинската црква.

Појавата на црква независна од Москва го налути Путин, кој реставрацијата на таканаречениот „руски свет“ го направи централен дел на неговата надворешна политика и го отфрли украинскиот национален идентитет како нелегитимен.

Кирил дава отворена поддршка на инвазијата, објавувајќи во септември дека руските војници кои ќе загинат во војната против Украина ќе бидат исчистени од сите нивни гревови.

„Тој се жртвува себеси за другите“, рече тој. „Сигурен сум дека таквата жртва ги измива сите гревови што ги направил човекот“. (Си-Ен-Ен)