Украинците во Велика Британија ќе можат да ги продолжат визите нови 18 месеци


Украинците кои дојдоа во Велика Британија по руската инвазија на Украина ќе можат да поднесат барање за продолжување на визата за дополнителни 18 месеци, соопшти денеска британската Влада.

Од избувнувањето на конфликтот во Украина, околу 200.000 Украинци и членовите на нивните семејства дојдоа во Велика Британија, јави Би-Би-Си.

Како што е наведено, на сите новодојдени Украинци ќе им биде одобрен тригодишен престој, што значи дека првите издадени визи ќе престанат да важат во март 2025 година, но британската Влада потврди дека ќе обезбеди „безбедност и стабилност“ на сите кои доаѓаат од Украина.

Важењето на визите ќе биде продолжувано врз основа на три визни правила воспоставени по избувнувањето на руско-украинскиот конфликт: правило за обезбедување засолниште за Украинците, правило за примање семејства и правило за продолжување на визите за престој.

Секој кој ќе добие виза според овие правила и натаму ќе имаат ист пристап до пазарот на труд, право на бенефиции, здравствена заштита и образование, наведува Би-Би-Си.