Украинците не се среќни што ја делат Нобелова награда со Руси и Белоруси


ОСЛО – Украинците се среќни што ја добија својата прва Нобелова награда од независноста, но им боде очи тоа што ќе го споделат центарот на вниманието во сабота со колегите лауреати од Русија и Белорусија.Јасно е што се обидува да постигне норвешкиот комитет за Нобелова награда со споделување на наградата за мир меѓу активисти на граѓанското општество од три нации заглавени во војна, иако претседателот на Комитетот Берит Реис-Андерсен призна дека  сакаат да испратат сигнал дека конфликтот во Украина мора да заврши .

За да ја испрати оваа порака, наградата е доделена заеднички на сега распуштениот Меморијален центар во Русија, на затворениот белоруски опозициски активист Алес Бјалијацки и на украинскиот Центар за граѓански слободи, кој ги документира руските воени злосторства во Украина.

Од украинска перспектива, сепак, остава горчлив вкус што активистите во нивната земја – на многу поинаква, демократска политичка траекторија од Москва и Минск – сè уште се здружени во постсоветската сфера со активисти кои се справуваат со режимите на рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот Александар Лукашенко.

Михаило Подољак, советник на украинскиот претседателски кабинет, се пожали дека заедничката награда го зајакнува наративот на Кремљ за војната и тврдењата на Путин за единството на рускиот и украинскиот народ.

„Наградувањето на три организации за човекови права од три земји не одговара на прашањето за заштита на мирот, туку отворено ја промовира деструктивната теза за истото озлогласено „тројство на словенските народи“ за кое руската пропаганда постојано зборува во глобалното јавно мислење“, рече тој за ПОЛИТИКО. 

Тој објасни дека Москва настојува да ги прикаже луѓето од трите земји како да сакаат мир, но се  спречени да постигнат примирје од несловенските земји. Тој, исто така, упати критика дека, додека Украинците се бореа за опстанок, граѓанските здруженија во Русија и Белорусија во голема мера се оддалечуваа од активните напори против инвазијата.

„Ова е крајно бесчувствителен потег во моменти кога Русите убиваат Украинци со помош на Белорусите“, рече Олга Руденко, главен уредник на „Киев Индепендент“ и еден од фаворитите за наградата за мир во 2022 година.

Таа додаде дека сите кандидати ја заслужуваат наградата и дека Украинците нема да имаат проблем доколку секој од нив ја добие наградата поединечно. Проблемот е што се споија  спојат сите три во една година кога нациите што тие ги претставуваат се спротивставени со војна предизвикана од руските колонијални амбиции.

„ Ова е како „возрасниот“ Запад да сака да нè затвори нас децата во иста просторија по кавга и да ни нареди да се помириме“, рече Руденко.

Реис-Андерсен ја бранеше одлуката на комитетот да ги награди сите три добитници  на прес-конференцијата во Осло во петокот.

„Понекогаш напорот за мир лежи во граѓанското општество, а не само во државните амбиции. Мирот е желба и достигнување кое доаѓа со вредност за која работат сите лауреати: решавање на злосторствата, воените злосторства и владеењето на правото“, рече таа. „Непочитувањето на овие вредности е исто така дел од причината за оваа војна и агресија . Токму во овие времиња ова е многу важен потсетник“.

Иако има за цел мир, одлуката на членовите на комитетот предизвика незаслужена омраза против локалните лауреати, рече украинската активистка за правата на жените и ЛГБТК+ Олена Шевченко. „Некои луѓе дури мислат дека одлуката на шефицата на невладината организација Центар за граѓански слободи, Олександра Матвијчук да ја прифати наградата со Белорусите и Русите, беше еден вид предавство на Украина“, вели таа.

„Ја разбрав реакцијата на нашиот народ. Тоа е премногу болно за нив, премногу е болно за мене“, изјави Матвијчук за ПОЛИТИКО. „Но, мораме да ја искористиме секоја можност, секоја награда за да зборуваме за Украина, за да донесеме правда“. Таа ја користи Нобеловата награда како можност да се заложи за формирање специјален трибунал за руските злосторства.

Шевченко додаде: „Многу е проблематично да се поврзат овие земји на кој било начин сега во контекст на војна, иако белоруските и руските активисти се прогонувани во нивните земји“.

Меморијалниот центар е најстарата организација за човекови права од Русија, која ги документирала прво советските, а потоа и руските злосторства и политички репресии од 1980-тите. Во 2022 година, руската влада ја распушти организацијата поради наводно кршење на контроверзниот руски закон за странски агенти, што според многумина е репресија на Путин врз независните мислители. Меморијалот беше постојано критикуван од руските власти за „дискрредитирање на големото наследство на Советскиот Сојуз“.Меморијалот, исто така, му помогна на украинскиот лауреат Центар за граѓански слободи да ги истражи руските воени злосторства во Украина.

Белорускиот продемократски активист Бјалијатски се бори за човековите права во Белорусија од 1980-тите и е најпознат како основач на Центарот за човекови права Вијасна со седиште во Минск. Бјалијатски двапати беше затворен во Белорусија поради наводно затајување данок и шверц. Во моментов, активистот е повторно во затвор и , доколку биде прогласен за виновен, се соочува со 12-годишна казна. Активистите и организациите за човекови права ги нарекоа обвиненијата политички мотивирани. За време на белоруските протести во 2020 година, Бјалатски стана член на Координативниот совет на Свјатлана Циханускаја, избраната претседателка на Белорусија која сега е во егзил по насилното задушување на Лукашенко против демонстрантите.

Неговата сопруга Наталија Пинчук, која ќе ја прими наградата во негово име во Осло, се надева дека наградата ќе помогне да се рефокусира меѓународното внимание на огромниот обем на тековни политички репресии во Белорусија, која беше засенет од војната во Украина. „Белорусите сè уште се апсат, се одвојуваат од нивните деца и се мачат речиси секој ден“, рече Пинчук на заедничката прес-конференција.„Судбината на Белорусија делумно ќе се решава на боиштата на Украина“, заклучи Пинчук. (Политико)