Украинците ќе праќаат на фронтот вооружени роботи – возила


Украинската армија ќе формира единици составени од роботизирани борбени возила, што ќе ги испраќа во битка, најави денеска министерот за одбрана Рустем Умеров, пренесе Хина.

Украинското Министерство за одбрана, на својот канал Телеграм објави фотографии од роботизираните возила со монтирани митралези. Возилата без екипаж, особено беспилотните летала, станаа клучно оружје во војната со Русија, што започна во 2022 година. Сега двете страни се тркаат да ги заменат војниците на теренот со таков вид на оружје.

„Министерството за одбрана започнува проект со кој ќе се зголеми употребата на системи за копнени возила без екипаж“, најави министерот Умеров.

Министерот за дигитална трансформација, Михаило Федоров, во декември изјави дека на Украина само оваа година ќе и требаат десетици илјади роботизирани возила.

Единиците на двете завојувани страни веќе користат такви возила, кои се контролирани од далечина од пилот со помош на камера.

Умеров најави дека возилата ќе се користат за одбрана, напад, логистика, евакуација на повредени и деминирање.