Украина веќе губи од 100 до 200 војници дневно


Украински војници на линијата на фронтот во Северодонецк (Фото: АП)

 

Михаил Подољак, советник на шефот на кабинетот на претседателот на Украина, изјави за Би-Би-Си дека од 100 до 200 украински војници умираат секој ден во војната.

Според Подољак, една од главните причини за големиот број жртви е недостатокот на паритет меѓу украинските и руските воени капацитети.

Претставникот на претседателскиот кабинет смета дека на Украина ѝ се потребни „стотици најмоќни артилериски системи“ кои западните земји можат да ги обезбедат и до 300 ракетни системи за да се постигне паритет со огнената моќ на Русија и да се ослободат окупираните територии.

Според Би-Би-Си, информациите на Михаил Подољак за смртта на 100-200 украински војници дневно се максималниот број дневни загуби што го пријавиле украинските власти од почетокот на војната.

На 1 јуни, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека секој ден 60-100 украински војници гинат на бојното поле, а околу 500 луѓе се повредени. Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников на 9 јуни изјави дека во Донбас секој ден умираат до 100 луѓе, а се повредени до 500 луѓе.

Украина и Русија не известуваат за жртви меѓу нивната војска на тековна основа. Министерството за одбрана на Руската Федерација двапати обелодени вакви податоци, последен пат на 25 март кога објави 1.351 загинат и 3.825 ранети. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во средината на април изјави дека од почетокот на војната загинале од 2.500 до 3.000 украински војници, а уште околу 10.000 биле повредени.

Во Украина, како и во Русија, со закон е забрането да се обелоденат загубите на нивната војска за време на воените дејствија. Алексеј Арестович, советник на шефот на кабинетот на претседателот на Украина, рече дека таквите податоци претставуваат државна тајна, а откривањето на овие информации „може да му помогне на непријателот да ја оцени ефективноста на неговите постапки“.