Украина уништила пет моќни руски ракетни системи С-400

Русија веќе изгуби повеќе од 12.000 единици воена опрема во војната со Украина. Меѓу нив има најмалку пет лансери кои се дел од С-400, главните противвоздушни ракетни системи на руските воздушни сили, забележа „Њусвик“. Два од нив беа уништени во текот на изминатиот месец на Крим, кој украинските трупи сѐ поактивно го гранатираат.
Според веб-страницата „Орикс“, која ги зема предвид документираните загуби за време на руско-украинскиот конфликт, уништени се пет транспортери и лансери (секој со четири контејнери за проектили), како и неколку делови од друга опрема, вклучувајќи контролен центар, радар и возило за поддршка.
Неодамна, Украина сè повеќе почна да напаѓа воени цели на Крим, користејќи воздушни и поморски беспилотни летала, проектили и спроведувајќи операции за уништување на електронските одбранбени системи. Две батерии С-400 беа нападнати на крајот на август и во септември.
Уништувањето на ваквите системи за противвоздушна одбрана е важно од две причини, објаснува воениот експерт Дејвид Хемблинг за „Њусвик“. Прво, „С-400-те претходно изгледаа добро, но сега изгледаат ранливи“; второ, нивното уништување „пробива дупки во воздушната одбрана, што потоа може да се искористи“.
Како што соопшти Украинската служба за безбедност за Би-Би-Си, беспилотните летала прво ги погодиле „очите“ на С-400, а потоа биле погодени од крстосувачки ракети „Нептун“, што овозможило „отворање“ на системот за противвоздушна одбрана.
Преку „дупките“ формирани во него, можеа да се извршат напади врз поморската база во Севастопол: на пример, на 13 септември беа оштетени брод и подморница, можеби со помош на проектили Storm Shadow. Губењето на некои инсталации на С-400 ги направи руските цели на Крим поранливи на напади од овие ракети, кои Украина ги доби од Велика Британија, рече Хамблинг. Експертите од Институтот за проучување на војната пишуваа за „тактички неуспеси“ што може да „одразуваат поголеми системски проблеми во воздушната одбрана во окупираниот Крим“.
Цената на системот за противвоздушна одбрана С-400 (може да има неколку десетици лансери, како и контролен центар, радарски комплекс, опрема за техничка поддршка итн.) може да надмине 600 милиони долари. Шефот на Ростек, Сергеј Чемезов, изјави за „Комерсант“дека Русија се договорила со Турција за продажба на четири комплекси за 2,5 милијарди долари. Нивниот прв странски купувач беше Кина, која, според „Ведомости“ во 2014 година, одлучи да купи шест комплекси за повеќе од 3 милијарди долари.