Украина соборила шест хиперсонични ракети „Кинжал“

Русија тврди дека со „Кинжал“ уништила еден ракетен систем „Патриот“ во Киев


Врз Киев паѓаше вистински „ракетен дожд“ од најмоќни оружја

 

Украинските воздухопловни сили соборија шест хиперсонични ракети „Кинжал“ во рускиот ракетен напад ноќта на 16 мај.

Вкупно Русија истрела 18 проектили низ целата земја. Лансирањето е извршено околу 3,30 часот по локално време од северниот, јужниот и источниот правец, изјави врховен командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни.

Според него, Украина била нападната со шест хиперсонични ракети „Кинжал“, девет крстосувачки ракети „Калибр“ и три балистички ракети „С-400“ и „Искандер-М“. Сите цели се уништени, нагласи Залужни.

Претходно, шефот на воената администрација во Киев, Сергеј Попко, ноќниот напад го нарече „исклучителен по својата густина“. Според него, Украина била истрелана „максимален број напаѓачки ракети во најкраток временски период“.

Фрагменти од соборените ракети паднаа во различни области на Киев. Еден од остатоците заврши во зоолошката градина во Киев. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, пријави три жртви.

Руското министерствот за одбрана, пак, соопшти дека за време на нападот врз Киев ноќта на 16 мај, „противвоздушен ракетен систем ‘Патриот’ од американско производство бил погоден од удар со висока прецизност на хиперсоничниот ракетен систем ‘Кинжал’“.

За прв пат, командата на вооружените сили на Украина објави пресретнување на „Кинжал“ со помош на американскиот систем за воздушна одбрана „Патриот“ на почетокот на мај. Подоцна оваа информација беше официјално потврдена од Пентагон. Меѓутоа, руското Министерство за одбрана не го призна пресретнувањето на проектилот.

„Факт е дека брзината на летот на ракетата ‘Кинжал’ ги надминува максималните борбени режими на противвоздушни ракетни системи што ги доставува Западот до режимот во Киев, вклучително и ‘Патриот’“, објасни висок извор од министерството за Интерфакс .

Според него, „противракетниот маневар и речиси вертикалното приближување кон целта“ го исклучуваат пресретнувањето на „Кинжал“ од какви било противвоздушни ракетни системи.

Рускиот претседател Владимир Путин го нарече „Кинжал “ еден од петте видови „чудесни оружја“ што ги претстави во пораката до Федералното собрание во 2018 година. Путин увери дека ракетата нема аналози во светот и дека „се гарантира надминување на постоечките и идните системи за воздушна одбрана и ракетна одбрана“.

Пред Украина да го собори првиот „Кинжал“, Русија беше уверена дека ќе ги погоди нејзините цели кога ќе ги истрела тие проектили, но сега таа пресметка е уништена, изјави за Си-Ен-Ен висок воен извор во Вашингтон. Пресретнувањето на „Кинжал“ покажа дека „Патриот“ е способен да погоди не само балистички ракети, туку и ракети од воздух, што претходно се сметаше само за теоретска можност, додаде изворот.