Украина соборила 60 од 76-те ракети што ги истрелала Русија
Но тие што ја избегнаа противвоздушната одбрана предизвикаа огромна штета на критичната инфраструктура
Украинската противвоздушна одбрана соборила 60 од вкупно 76 ракети кои Русија утринава ги истрела врз Украина, изјави врховниот командант на украинските вооружени сили Валериј Залужни.
Во изјава на Телеграм, Залужни рече:
„Според прелиминарните податоци, утринава од регионите на Каспиското и Црното море, непријателот лансирал 76 проектили, од кои 72 крстосувачки ракети (Х-101, „Калибр“, Х-22) и 4 ракети од воздух со наведување (Х-59) кон украинската критична инфраструктура“.
Во посебна изјава, портпаролот на воената администрација на Киев рече дека Украина соборила 37 од 40-те дојдовни руски ракети во регионот.
Гувернерот на Днепропетровск, Валентин Резниченко, исто така, рече дека воздушната одбрана соборила 10 проектили над регионот.
Портпаролот на украинските воздухопловни сили, Јуриј Инхат, изјави дека ракетите „Калибр“ биле лансирани од Црното Море, а системите „С300“ и бомбардерите „Ту22М3“ лансирале ракети Х-22.
Авионите „Миг31К“ беа забележани на небото, рече Инхат.
Тој исто така истакна дека „за прв пат окупаторите употребија стратешки бомбардери ‘Ту95’ од областа каде што се наоѓаат тие авиони, од областа Енгелс. Покрај тоа, имаше лансирања од северот на Каспиското Море“.
Енгелс е воздушна база во Русија за која Москва вели дека била нападната од украински лансирани беспилотни летала на 5 декември.
Ракетни напади беа пријавени низ Украина во петокот, вклучително и во Киев, Одеса, Харков и Запорожје
Вториот по големина град во Украина, Харков, е без струја, греење и вода откако руските ракетни напади во петокот наутро предизвикаа „колосална“ штета на инфраструктурата, изјави неговиот градоначалник Ихор Терехов.
Во објава на Телеграм, Терехов рече:
„Колосална штета има на инфраструктурата, пред сѐ на енергетскиот систем. Ве замолувам да бидете трпеливи со ова што се случува сега. Знам дека во вашите куќи нема светлина, нема греење, нема вода“.
Во централниот град Криви Рих, началникот на градската воена администрација, Олкесандар Вилкул, извести дека „има ракетни удари“.
Во Запорожје, пријавени се „десетина и пол“ руски ракетни напади, рече регионалниот воен шеф, Олександар Старч, во петокот на Телеграм.
Старч рече: „Се разјаснуваат последиците од непријателскиот напад. Сите релевантни служби работат. Ги замолуваме граѓаните да се подготват за евентуални привремени ограничувања додека ја обновуваат оштетената инфраструктура“.
Од октомври, Русија изврши серија напади против Украина кои го оштетија енергетскиот систем и цивилната инфраструктура, предизвикувајќи прекини на електричната енергија во студената зима.