Украина со ракети уништи три борбени авиони на Крим

Два ракетни напади на аеродромот Белбек на Крим беа успешни. Украина успеа да уништи три воени авиони и две згради во базата, според Си-Ен-Ен, кој добил сателитски снимки кои ги покажуваат резултатите од ударот.
Ноќта на 15 мај, а потоа и вечерта истиот ден, украинските вооружени сили двапати користеа американски ракети АТАКМС за напад на аеродром лоциран во близина на Севастопол. Руското Министерство за одбрана извести за пресретнување и уништување на 10 ракети АТАКМС над регионот за време на првиот напад и пет за време на вториот, без да прецизира кон што точно бил насочен нападот. Гувернерот на Севастопол, назначен од Русија, Михаил Развозаев, потврди дека нападите биле одбиени и пријавил само штета на приватни куќи и автомобил.
Сателитските снимки добиени од BlackSky и Maxar Technologies покажуваат два изгорени борбени авиони на главниот паркинг и уште еден во посебен „џеб“ на работ на аеродромот. Покрај тоа, фотографиите покажуваат дека една зграда е уништена, а друга претрпе значителна штета.
По ракетните напади, телеграмските канали објавија неколку пожари, вклучително и во областа на пистата и местата за паркирање на авиони.
Според претплатници и извори на телеграмскиот канал „Астра“ во службите за итни случаи, најмалку еден проектил погодил бензинска пумпа. Извори на „Кримски ветер“ тврдат дека складиштето за гориво е уништено. И кримското партизанско движење „Атеш“ соопшти дека украинските вооружени сили го погодиле главниот артилериски магацин во Белбек, каде што биле складирани проектили за авионите „Су-27“, „Су-30“ и „МиГ-31“. Се тврди дека и инфраструктурата на аеродромот била „значително оштетена“ како резултат на секундарната детонација.