Украина: Русите мобилизираа 500.000 луѓе, би можеле да извршат напад на 24 февруари


 

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников предупреди дека Русија подготвува нова офанзива која би можела да започне веќе на 24 февруари, на првата годишнина од руската инвазија. Тој тврди дека Русија подготвила илјадници војници и би можела да „проба нешто“ за да ја одбележи годишнината од почетокот на војната, пренесува Би-би-си.

Новата офанзива на тој ден би го одбележала и рускиот празник на бранителите на татковината 23 февруари, кој е посветен на руската армија. Резников рече дека Москва мобилизирала околу 500.000 војници за потенцијална офанзива.

Минатиот септември, рускиот претседател Владимир Путин најави мобилизација на околу 300.000 резервисти за војната во Украина, наведувајќи дека мобилизацијата е неопходна за „зачувување на територијалниот интегритет“ на Русија. Сепак, Резников сугерира дека реалниот број на мобилизирани би можел да биде значително поголем.

„Официјално објавија 300.000, но кога ги гледаме силите собрани на границите, проценуваме дека тоа е многу поголема бројка“, изјави Резников за француската телевизија БФМ.

Би-Би-Си вели дека не може независно да ги потврди тврдењата на Резников, пренесе Индекс.хр.

 

Војната е во ќор-сокак, но се очекува руска офанзива и украинска контраофанзива

И покрај тешките борби во источниот регион Донбас, војната влезе во еден вид ќор-сокак во изминатите месеци, односно откако Украина го ослободи јужниот град Херсон. Со исклучок на руското заземање на украинскиот град Соледар, ниту една страна не постигна значителен напредок.

Но, руската пролетна офанзива, исто како и украинската контраофанзива, долго време се сметаше за веројатна. Американскиот безбедносен и одбранбен тинк-тенк, Институтот за воени студии, неодамна објави дека Москва може да „преземе решителна акција“ и да започне „голема офанзива“ на истокот на земјата.

Украинскиот министер за одбрана рече дека украинските команданти ќе имаат задача „да ја стабилизираат линијата на фронтот и да се подготват за контраофанзива“ пред очекуваната руска офанзива. „Верувам дека оваа година ќе биде година на нашата воена победа“, тврди Резников, додавајќи дека украинските сили „не смеат да ја изгубат иницијативата“ што ја имаа во изминатите месеци.

Резников ја посети Франција за да постигне договор за купување дополнителни радари за противвоздушна одбрана МГ-200, кои според него „значително ќе ја зголемат способноста на вооружените сили за откривање воздушни цели, вклучувајќи балистички ракети и разни беспилотни летала“.

 

„Ништо не сугерира дека Путин ги променил своите цели“

Неговите коментари доаѓаат откако украинските разузнавачи тврдат дека рускиот претседател Путин им наредил на своите сили да го заземат источниот регион Донбас до крајот на пролетта. Но, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди дека „нема индикации дека Путин ги ограничил своите воени цели на освојување на источните региони на Украина“.

„Тие сè уште активно набавуваат ново оружје и повеќе муниција. Тие го зајакнуваат сопственото производство, но исто така набавуваат повеќе оружје од други авторитарни држави како Иран и Северна Кореа“, рече Столтенберг, додавајќи: „Но, најважно е дека не гледаме знаци дека претседателот Путин ја сменил целта на оваа инвазија – контролата над Украина. И се додека е така, мора да бидеме подготвени за долг конфликт“.

 

Жестоки борби во Донбас

Во меѓувреме, заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар изјави дека во Донбас продолжуваат жестоките борби. Руските сили и платениците на приватната руска воена компанија Вагнер очајнички се обидуваат да го освојат градот Бахмут.

Таа додаде дека руските сили исто така се обидуваат да го заземат градот Лиман, важен руски логистички центар што беше ослободен од украинските сили во октомври минатата година.

„Руските сили активно се обидуваат да стигнат до границите на регионите Доњецк и Луганск. Нашите војници го бранат секој сантиметар од украинската територија“, објави таа на апликацијата „Телеграм“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа предупреди дека ситуацијата на фронтот претставува „голем тест за армијата“. „Забележуваме зголемување на непријателската активност на линијата на фронтот на исток. Ситуацијата станува се потешка“, рече тој.