Украина прв пат објави видео за артилериски напад на територијата на Русија


 

За прв пат досега, Вооружените сили на Украина објавија снимки од напади на руска територија, тврди германски „Билд“.

Видеото на 2 април го објави командантот на гарнизонот Харков, Сергеј Мелник, на неговиот Телеграм канал, забележува „Медиазона“.

Тоа е придружено со следниот текст: „Борците на 4. граничен одред извршија извидување и ја открија опремата на напаѓачите, персоналот што ги опремуваше позициите, како и камионите. Благодарение на професионалната интеракција со топџиите, целта беше веднаш уништена“.

Не се знае точниот датум на гранатирањето.

Корисник на Твитер со прекар SerDer_Daniels утврдил дека руската војска, која била под оган од Вооружените сили на Украина, била лоцирана на позиции во близина на селото Цаповка, Белгородска област, во шумски појас во близина на фарма на 1,3 километри од границата со Украина.

Воениот коментатор на „Билд“, Јулијан Ропке, го опиша нападот како превентивен напад, затоа што се верувало оти руската армија планира да напредува од овие позиции кон Харков. Според експертот, видеото во голема мера било адресирано до западните сојузници на Киев. „Со превентивните напади на руска територија, Украина покажува дека се брани сѐ посигурно и повеќе нема да дозволи Западот да диктира како треба да се брани“, рече тој.