Украина признава: „Многу е тешко“ да се направи пробив на исток
Висок украински функционер на истокот од земјата вели дека вооружените сили ги контролираат сегашните позиции, но „да се оди напред е многу тешко“, бидејќи Русите собрале значителни резерви.
„Продолжуваат многу жестоки борби во нашиот регион Луганск. Тешко е. Но, ситуацијата е апсолутно стабилна и контролирана од вооружените сили на Украина“, изјави Серхи Хајдеј, шеф на регионалната воена управа на Луганск, за украинската телевизија во неделата.
Осврнувајќи се на линијата на фронтот север-југ што се протега меѓу Сватове и Кремина, Хајдеј рече: „Таму е многу тешко да се оди напред бидејќи окупаторите собраа огромни резерви. И како што реков многу пати претходно – таму сè е многу темелно минирано“.
Но, тој додаде: „Колку и да е тешко, регионот Луганск се деокупира чекор по чекор, метар по метар“.
Хајдеј рече дека руските сили имаат неколку слоеви одбранбени линии во регионот. „Првата линија главно ја [држат] неодамна мобилизираните, било од Русија или од таканаречената ЛДПР [Народна Република Луганск].
Тој рече дека чеченските сили се во областа како и руските редовни сили.
„Има огромен број од нив [руски војници во областа Сватове-Кремина]. И многу голем број мобилизирани. И тие постојано се фрлени во офанзива – речиси цело време… И огромниот проблем е што таму има неверојатен број од нив. Затоа секој метар од регионот Луганск е исклучително тешко да се добие“.
Хајдеј тврдеше дека милицијата од Луганск и Донецк која се бори со Русите има низок морал. „Гледаат огромен број преполни болници. Гледаат огромен број трупови кои мораат да ги поминат кога ќе бидат испратени во офанзива. Гледаат дека оние со кои разговарале вчера лежат таму, а никој не им ги зема телата“, рече тој.
Украинските сили со недели се обидуваат да напредуваат кон Кремина, што ќе им овозможи да ги загрозат градовите Лисичанск и Северодонецк што се под контрола на Русија. Но, се смета дека тие сѐ уште се неколку километри надвор од градот.