Украина поднесе барање за членство во НАТО


 

Украина официјално поднесе барање за пристапување во Северноатлантската алијанса врз забрзана основа, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Де факто веќе го поминавме патот кон НАТО. Де факто, ние веќе докажавме интероперабилност со стандардите на Алијансата, тие се реални за Украина – реални на бојното поле и во сите аспекти на нашата интеракција…

Денес Украина аплицира да го направи тоа де јуре. Со постапка која ќе биде доследна на нашата вредност за заштита на целата наша заедница. Врз забрзана основа. Знаеме дека е можно. Видовме дека Финска и Шведска почнаа да се приклучуваат на алијансата оваа година без акциски план за членство.

Украина разбира дека за нејзиниот влез во НАТО е неопходно да се постигне согласност од сите членки на алијансата. Додека потрагата по консензус продолжува, Украина предлага да се имплементираат предлозите за безбедносни гаранции развиени од Киев заедно со западните партнери“, рече Зеленски.

Зеленски додаде дека Украина е подготвена за преговори со Русија, но „веќе со друг руски претседател“.

Украинскиот лидер исто така рече дека на следната седница на Врховната рада ќе се разгледа предлог-законот за национализација на сите руски средства во Украина.