Украина објави дека нема средства да ја води војната по декември


Украинска хаубица „Д-30“ на борбената линија кај Бахмут

 

На Украина ѝ недостасуваат средства за да ја продолжи војната во декември, и доколку САД не обезбедат поголема помош, Киев би можел да почне да губи територии, изјави за „Политико“ неименуван советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски.

„Ние веќе немаме расположливи средства. Тие нема да бидат таму по декември“, рече тој. „Доколку Украина не добие помош од Соединетите Држави – воена помош која веќе ѝ е ветена – Путин веројатно не само што ќе го консолидира она што веќе го презеде, туку и веројатно ќе заземе нови територии кои ќе го надминат она што го имаше на почетокот на војната“, објасни советникот на Зеленски.

Тој не отфрли и дека Киев, кој руската армија се обиде да го преземе во првите денови од целосната инвазија во февруари 2022 година, повторно би можел да биде под закана.

Пред ова, шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, предупреди дека постои ризик Украина да загуби во војната со Русија поради недостигот на поддршка од САД. „Ако помошта за која се разговара во Конгресот едноставно се одложи… тогаш ќе има голем ризик да останеме на истите позиции како сега, дека ќе стане невозможно да се нападне и ќе има голем ризик за губење на оваа војна“, рече Ермак во Институтот за мир во Вашингтон.

Стејт департментот, исто така, истакна дека Соединетите Држави го достигнале „дното на бурето“ во нивната способност да му пружат воена помош на Киев. Украина се соочува со „многу тешка зима“, но американската администрација очекува Конгресот да ги поддржи плановите на Белата куќа да продолжи да му помага на Киев, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Во октомври, американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот да одобри пакет од 106 милијарди долари дополнителни средства, со повеќе од 61 милијарда долари наменети за Украина, а остатокот за Израел, Тајван и граничната безбедност. Конгресот не ја одобри иницијативата и предложи поделба на пакетите за помош.

Еден ден претходно, некои републикански сенатори го напуштија брифингот за барањето на администрацијата на Бајден за дополнително финансирање за Украина. Својата постапка ја образложија со тоа што не добиле одговор од демократите на предлозите за заштита на границата. Тие директно ја поврзаа натамошната помош за Киев со ова прашање.

Бајден, пак, го нарече „апсолутно лудило“ одбивањето на Конгресот да се договори за доделување на нови средства за Украина. „Ова е спротивно на интересите на САД“, рече тој и изрази надеж дека средствата на крајот ќе бидат обезбедени.

Во меѓувреме, американската министерка за финансии Џенет Јелен предупреди дека Вашингтон ќе биде одговорен за поразот на Украина доколку Конгресот не одобри помош за Киев.