Украина не смее да го претрка Западен Балкан за членството во ЕУ, вели Александар Шаленберг
Не смее да има првокласни и второкласни кандидати за ЕУ, предупредува австрискиот министер за надворешни работи
Пред да дојде на Преспа форумот во Охрид, Александар Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија, испрати порака до ЕУ дека не смее да го затвори едното око и додека се разговара за кандидатскиот статус на Украина да го заборави Западен Балкан. И дека не смее да има првокласни и второкласни кандидати за ЕУ. Тој нагласува дека „Балканот не е дворот, туку внатрешниот двор на Европската унија“
„Не смееме да паднеме во геостратешка тунелска визија, туку мора да гледаме и кон југоисточниот дел на Европа. Мора да бидеме внимателни за сигналот што го испраќаме – имено избегнувајќи го впечатокот дека некои земји кои чекаат со години да видат како Украина поминува покрај нив. За членство не смее да има првокласни и второкласни кандидати. Македонија е кандидат за членство веќе 17 години, па дури и го смени името за да ја доближи до ЕУ. И сѐ уште чека да започнат пристапните преговори. Во секој случај, ние сме за тоа да го земеме и Балканот со нас на ова патување“, вели шаленберг во интервју за австрискиот весник „Курир“.
Тој се согласува декс одлуката околу кандидатскиот статус за Украина на некој начин е пресвртница но вели: „Балканот не е надворешниот, туку внатрешниот двор на Европската унија. Не смееме да бидеме слепи на едното око. Русија, исто така, има потенцијал да биде разурнувач надвор од Украина. Тоа би можело да предизвика немири на Балканот, без да испука ниту еден истрел. Затоа во наш интерес е да размислуваме заедно со целото соседство“.
Тој вчера на маргините на Преспа форумот во Охрид се сретна со американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар со кого разговараше за опасностите од последиците од руската агресија врз Украина на Западен Балкан.
Шаленберг и Ескобар ја истакнаа потребата од трансатлантска соработка во спречувањето на обидите за дестабилизација на Југоисточна Европа.
Шаленберг ќе учествува во вечерашнава сесија на форумот заедно со неговите колеги Мевљут Чавушоглу од Турција, Збигњев Рау од Полска и Иван Корчок од Словачка за влијанието на руската агресија врз регионот.