Украина не беше подготвена за руската офанзива во регионот Харков

Воените стратези знаеја дека руските трупи ќе се обиодат на навлезат на североисток, но немаа ниту оружји, ни муниција ни војници да го спречат тоа


Украински ракетен лансер во регионот Харков

 

Офанзивата на руската армија во областа Харков изгледаше неизбежна и апсолутно очекувана. Меѓутоа, откако ја премина границата ноќта на 10 мај, за помалку од една недела зазеде повеќе територии отколку во претходната година и половина од војната. Украинските трупи успеаја да го запрат нејзиното напредување само во средата; сепак, руските единици се наоѓаат на 35–65 километри од Харков. Ако стигнат до 25 километри, тие ќе можат да продолжат со артилериското гранатирање на некои области на вториот по големина град во Украина за прв пат од есента 2022 година.

АФП проценува, врз основа на мапите што секојдневно ги обезбедува Институтот за проучување на војната (ИСВ), дека руските трупи окупирале 278 квадратни километри – првенствено во регионот Харков, а исто така и малку на југ.

Во меѓувреме, очигледни беа сите знаци за претстојниот почеток на операцијата. На почетокот на пролетта, руските независни публикации „Верстка“ и „Медуза“ објавија за претстојниот напад на Харков. Владимир Путин во средината на март рече дека е неопходно да се создаде „санитарна зона“ на украинска територија за да се заштитат руските региони од гранатирање (од нив најмногу страда регионот Белгород, кој се граничи со Харков). Еден месец подоцна, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Харков одиграл важна улога во спроведувањето на таквата стратегија.

Во исто време, во регионот на Белгород беше формирана воена група, која брои, според ИСВ, околу 30.000 луѓе. Британското воено разузнавање, исто така, го предупреди Киев за претстојната офанзива, изјави за „Гардијан“ лице запознато со тоа. Руската пропаганда почна да сее паника, наводно известувајќи дека Харков е опколен и ги повикува жителите да се евакуираат.

Но, кога 5.000 до 10.000 руски војници ја преминаа државната граница во регионот Харков по втор пат во повеќе од две години, единиците на украинските вооружени сили не беа подготвени да го запрат нивното напредување.

„Првата линија на утврдувања и мини едноставно не постоеше. Непријателот слободно влезе во сивата зона по целата кордонска линија, која во принцип не требаше да биде сива“ – напиша во неделата украинскиот командант Денис Јарославски, кој ја држи одбраната во близина на Волчанск (неговите зборови беа широко распространети во медиумите). „За двегодини требаше да има бетонски утврдувања на минус три ката на украинската граница! И немаше ништо. Доаѓаме до заклучок дека ова е или луда кражба или намерна саботажа“.

Единиците на украинските вооружени сили „едноставно не беа подготвени за борба“, „командата не беше подготвена за добро познатата руска офанзива“, а одбранбените структури не беа правилно позиционирани, цитира „Гардијан“ ветеран на украинската армија со контакти во регионот.

Да бидеме фер, беше речиси невозможно да се подготви „сивата зона“ за одбрана, велат воените аналитичари. По должината на границата има ретко населена, отворена територија. „Би било самоубиствено Украина да ја постави својата главна одбранбена линија на границата, каде што Русите ќе можат да ги соборат со артилерија и со бомби, а Украинците, поради наметнатите ограничувањаод САД, не можат да одговорат со проектили како ХИМАРС“, вели Џорџ Барос, аналитичар во ИСВ.

Соединетите Држави ги доставија ракетите на украинските вооружени сили под услов да не можат да се користат за напади на самата руска територија. Иако украинските лидери продолжуваат да ги убедуваат Американците да им го дозволат тоа, Вашингтон продолжува да одбива. Во другите региони линиите за снабдување на руската армија минуваат низ окупираните територии, така што украинските вооружени сили можат да ги нападнат, спречувајќи го непријателот да ја преземе иницијативата на линијата на фронтот. Но, тоа не може да се направи на североисток, па руската армија слободно им обезбедува на напредните трупи од територијата на регионот Белгород и со засилување и со опрема со муниција.

Посилни одбранбени структури се наоѓаат на втората линија, на 15-17 километри од линијата на фронтот, а најподготвена е третата линија – на 17-35 километри од границата, изјави началникот на управата на Државната специјална транспортна служба на Министерство за одбрана на Украина, бригадниот генерал Александар Јаковец.

Позициите на украинските вооружени сили се исто така ослабени поради недостиг не само на муниција (поради доцнење во снабдувањето со американска опрема), туку и на персонал, забележува Барос. Во меѓувреме, руската група во Белгород брои 30.000 луѓе, а заедно со војниците на соседните територии може да достигне 50.000.

Напаѓајќи на североисток, руската армија се обидува да ги оптегне украинските сили и „да изврши притисок на другиот крај од линијата на фронтот“ за да ја поврати територијата што ја окупираа во минатогодишната офанзива, напиша воениот офицер Џек Ватлинг од Кралскиот институт за обединети служби.