Украина нареди повлекување на своите војници од Северодонецк


Украинските сили добија наредба да се повлечат од градот Северодонецк во источна Украина по неколкунеделни жестоки борби, јави ДПА, повикувајќи се на властите.

Украинските власти наведоа дека нема речиси ништо да се брани во главно уништениот град и на војниците им е наредено да заминат и да се прегрупираат. Северодонецк беше последниот значаен дел од регионот Луганск, што се уште беше делумно под украинска контрола.

„Сега ситуацијата е таква што нема смисла да се држат позиции кои се нарушени“, изјави регионалниот гувернер на Луганск, Сергиј Гајдај.

„Затоа на нашите бранители кои се таму веќе им е наредено да се повлечат на нови позиции од каде што можат да спроведуваат нормални воени операции од целосен обем“.

Според него, околу 90 отсто од зградите во Северодонецк се уништени. Од 100.000 жители на градот, останаа речиси 8.000.

Киев вчера соопшти дека руските сили продолжуваат да ја напаѓаат индустриската зона Северодонецк. Стотици цивили, наводно, се уште бараат засолниште во хемиска фабрика Азот.