Украина, Молдавија и Германија меѓу 15-те новоизбрани членки на Советот за човекови права на ОН


Њујорк – Генералното собрание на Обединетите нации синоќа избра 15 држави за нови членки на Советот на ОН за човекови права, кои ќе ја извршуваат оваа функција со тригодишен мандат почнувајќи од 1 јануари 2027 година.

На тајното гласање, сите 15 кандидати учествуваа без противкандидати во своите регионални групи. Меѓу новоизбраните членки се Украина и Молдавија од источноевропската група, како и Германија и Ирска од групата на западноевропски земји. Шест од избраните држави – Бурунди, Гана, Јапонија, Кувајт, Бразил и Доминиканската Република – добија повторен тригодишен мандат.

Позициите во Советот по регионални групи беа распределени на следниот начин: од африканската група беа избрани Бурунди, Гана, Нигерија и Замбија; од азиско-пацифичката група – Јапонија, Јордан, Кувајт и Непал; од групата на земји од Латинска Америка и Карибите – Бразил, Доминиканската Република и Уругвај; а од западноевропските земји – Германија и Ирска, се наведува во објавата на Советот на социјалната мрежа Икс.

Советот на ОН за човекови права, со седиште во Женева, е главното меѓувладино тело на ОН задолжено за унапредување и заштита на човековите права ширум светот.

Телото брои вкупно 47 држави членки, а приближно една третина од членството се обновува секоја година за да се обезбеди континуитет во работата. Заради рамномерна географска застапеност, местата се трајно распределени во пет регионални групи: африканските и азиско-пацифичките држави имаат по 13 места, Латинска Америка и Карибите имаат осум, западноевропските и другите држави имаат седум, додека источноевропските држави располагаат со шест места.