Украина ја поништи национализацијата на големата ПриватБанка


Украински суд ја поништи национализацијата на ПриватБанк од крајот на 2016 година, а актуелниот претседател Петро Порошенко стравува дека таквата судска одлука може да предизвика голема економска криза, па дури и банкрот на земјата.

Објавата на одлуката предизвика долги редови граѓани пред филијалите на ПриватБанк кои чекаа да ги повлечат своите влогови.

На одлуката за национализација се жалеше претходниот сопственик на банката, олигархот Игор Коломоски. Управниот суд во одговор на жалбата го прогласи за ништовен договорот за продажба, со кој од Коломоски и неговите соработници се одзема контролата над ПриватБанк, се наведува во соопштението од Судот.

ПриватБанк беше национализирана во декември 2016 година за да се избегне банкрот, кој би можел да има домино ефект на украинскиот банкарски систем. Таа одлука тогаш ја поздрави Меѓународниот монетарен фонд како важна мерка за обезбедување финансиска стабилност.

Американската амбасада во Украина, Европската банка за обнова и развој и Светската банка ја повторија нивната поддршка за национализација на ПриватБанк и наведоа дека внимателно ја следат ситуацијата.

Со поддршка на Министерството за финансии, украинската Централна банка веднаш соопшти дека ќе се жали на оваа одлука.

Порошенко предупреди дека со овој чекор се ризикува десетици илјадници клиенти на банката да ги изгубат своите пари и целата земја да се доведе во банкрот и нова економска криза.