Украина и Русија разменија по 195 воени заробеници
Руското Министерство за одбрана соопшти дека Русија и Украина размениле воени заробеници по формулата 195 -195. Министерството соопшти дека размената била спроведена во средата.
Објавата дојде една недела откако Русија обвини дека украинските сили собориле воен транспортен авион со украински воени заробеници кои требало да бидат заменети со руски заробеници.
Министерството за одбрана соопшти дека проектилите истрелани од преку граница го урнале транспортниот авион во рускиот регион Белгород на 24 јануари. Локалните власти во Белгород, кој граничи со Украина, соопштија дека во несреќата загинале сите 74 лица во авионот, вклучувајќи шест членови на екипажот и тројца руски воени лица.
Украинските власти минатата недела потврдија дека тој ден требало да се случи размена на затвореници, но рекоа дека таа била откажана.