Украина и Русија постигнале договор за извоз на житото
Договорот треба да се потпише в петок во Истанбул. Еден од потписниците ќе биде и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш
Турција вели дека е постигнат договор со Русија за да ѝ се дозволи на Украина да го обнови извозот на жито преку Црното Море.
Тој треба да биде потпишан в петок во Истанбул од Украина, Русија, Турција и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Светскиот недостиг на украинско жито од руската инвазија на 24 февруари остави милиони луѓе во опасност од глад.
Инвазијата ги зголеми цените на храната, така што договорот за деблокирање на пристаништата во Украина е клучен. Околу 20 милиони тони жито се заглавени во силоси во Одеса.
Украинското Министерство за надворешни работи потврди дека в петок во Турција ќе се одржи уште една рунда разговори предводени од ОН за деблокирање на извозот на жито – и дека „можеби ќе биде потпишан документ“.
Американскиот Стејт департмент го поздрави договорот постигнат со посредство на ОН, но рече дека се фокусира на тоа Русија да биде одговорна за неговото спроведување.
„Никогаш не требаше да бидеме на оваа позиција. Ова беше намерна одлука од страна на Руската Федерација храната да стане оружје“, рече портпаролот Нед Прајс.
Дипломатите велат дека планот вклучува:
- Украински бродови ги водат бродовите за жито во и надвор низ минираните пристанишни води
- Русија се согласи на примирје додека се движат пратките
- Турција – поддржана од Обединетите нации – врши инспекција на бродови, за да се смират руските стравови од шверц на оружје.
Договорот, исто така, треба да го олесни рускиот извоз на жито и ѓубриво преку Црното Море.
ОН и Турција веќе два месеци работат на постигнување договор за житото, во услови на глобална вознемиреност за кризата со храна.
Русија негира дека ги блокирала пристаништата во Украина – ја обвинува Украина за поставување мини на море и западните санкции за забавување на сопствениот извоз на Русија.
Украина вели дека руската морнарица го спречува нејзиното транспортирање на жито и друг извоз и ги обвинува руските окупаторски сили за кражба на жито од украинските фарми.
Ако потпишувањето биде според планираното, тоа ќе биде првиот значаен договор меѓу Русија и Украина од почетокот на инвазијата. Имаше неколку размени на затвореници, но се чини дека прекинот на огнот сè уште е далеку.