Украина и Русија ги почнаа преговорите, очекувањата се мали
Украина ја обвини Русија за поткопување на мировните преговори во Истанбул. Со преговорите претседава Турција, Рубио не е во просторијата

Делегации од Русија и Украина сега се среќаваат во Истанбул – првите разговори лице в лице од раните денови на војната. Иако лидерите на двете земји се држат настрана, фактот дека тие воопшто се заедно во просторијата е значаен момент.
Украинскиот тим го предводи министерот за одбрана Рустем Умеров, додека руската страна ја предводи помошникот на Кремљ, Владимир Медински. Состанокот го води министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека нема да присуствува на разговорите со Русија и рече дека не очекува пробив во преговорите за војната во Украина сè додека претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин не се сретнат „лице в лице“.
„Немаме големи очекувања за тоа што ќе се случи утре“, рече Рубио вчера на прес-конференција во Анталија, Турција, но рече дека се надева оти ќе се докаже дека греши.
Рубио рече дека во петок ќе се сретне со украинскиот министер за надворешни работи и украинска делегација и „некој од нашиот тим ќе биде вклучен во разговорите за Русија“.
„Тие испратија група од пониско ниво овде. Се надевам дека тие разговори ќе бидат меѓу Украина и Русија, со нашите турски колеги во просторијата, заедно со некој од нашиот тим или членови на нашиот тим на соодветно ниво“, рече тој.
Украина ја обвини Русија за поткопување на мировните преговори во Истанбул со тоа што во последен момент поставува нови барања за исклучување на Турција и САД од разговорите.
Како да ги потврди многу ниските очекувања од директните разговори меѓу Русија и Украина во Турција, рускиот новински сајт „Медуза“ со седиште во Латвија вели дека видел меморандум до руските медиуми контролирани од државата, кој известува за состаноците, во кој се намалуваат изгледите за пробив.
Наместо тоа, меморандумот сугерира дека разговорите ќе завршат во ќор-сокак, а Русија ќе се соочи со можноста за обновени европски санкции, кои – новинарот треба да нагласи – „нема да му наштетат на развојот на земјата“, што укажува дека ги смета разговорите за неизбежен неуспех.
Според извештајот, во кој не се споменува што веројатно ќе подразбира позицијата на Русија на разговорите, меморандумот им наложува на новинарите да кажат дека позицијата на Украина на разговорите е полоша отколку на последните директни разговори во Истанбул во 2022 година.
Сепак, пошироко, присуството на помошникот на рускиот претседател Владимир Путин, Владимир Медински, кој ја предводи московската делегација, се смета за дел од обидот да се инсистира дека разговорите претставуваат продолжение на разговорите од 2022 година, каде што Кремљ инсистираше на ефективно предавање на Украина.
Медински им рече на новинарите на 15 мај дека Русија ги смета разговорите за „продолжение“ на повторувањето на барањето на Путин дека сите преговори ќе се засноваат на протоколите од Истанбул од април 2022 година.
Верзиите на тие нацрт-договори, добиени од „Волстрит џoрнал“ и „Њујорк тајмс“ минатата година, ја покажаа Москва како бара од Украина да се откаже од аспирациите за членство во НАТО, да усвои став на неутралност во својот устав и да ѝ забрани на Украина да биде домаќин на странски воен персонал или системи за оружје.
Oткривањетo на стратегијата за управување со вести на Москва за домашна потрошувачка доаѓа во време на извештаи дека Русија барала директниte разговори со Украина да се одржат без претставници на САД и Турција. Украински дипломатски извор рече дека потегот покажува дека Москва „ги поткопува мировните напори“.

„Уште еден знак дека руската страна ги поткопува мировните напори. Дојдовме да водиме сериозен разговор, додека Русите поставуваат барања, услови. Ова нè тера да се сомневаме дали Путин ги испратил за да решат проблеми или само да го закочат процесот“, рече изворот под услов да остане анонимен.
„Постои само една причина Русите да се плашат од присуството на САД во просторијата – тие дојдоа да го закочат процесот, а не да решат проблеми, и сакаат да го сокријат ова од САД“.
Очекувањата за разговорите – првично предложени од Путин – се намалија откако рускиот лидер го одби повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за средба на претседателско ниво во Турција. Беше навестено и присуството на Доналд Трамп, но американскиот претседател се враќа во САД по патувањето на Блискиот Исток.
Новинската агенција РИА пишува дека дипломатски извори ѝ кажале дека на состанокот меѓу украинската и руската делегација ќе биде присутен и шефот на турското разузнавање, Ибрахим Калин.
На друго место во Истанбул, државниот секретар Марко Рубио се состанува со безбедносни претставници од Велика Британија, Франција и Германија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин е секако неопходна, но дека мора да ѝ претходат внимателни подготовки.
Средбите меѓу Трамп и Путин се многу важни за решавање на украинското прашање и секој од нивните состаноци мора да вклучува сериозна дискусија за меѓународните прашања и регионалните проблеми, додаде Песков.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров претходно изјави дека Киев е подготвен за „директни преговори на највисоко ниво“ и „целосен и безусловно прекин на огнот“.
Умеров рече дека Украина ги координирала своите ставови со своите клучни сојузници – САД, Велика Британија, Франција и Германија.
„Мирот е можен само ако Русија покаже подготвеност да преземе конкретни чекори“, рече Умеров.
Скај њуз пишува дека во Истанбул започнала средбата меѓу претставниците на Украина и Русија. Тaa малку задоцни и доаѓа откако руските делегати се сретнаа накратко со американските претставници.
„Скај њуз“ пишува дека новинската агенција Ројтерс објави оти сведок ѝ кажал оти шефот на руската делегација, Владимир Медински, ги напуштил преговорите со американската делегација што требало да се одржат пред средбата меѓу Русите и Украинците.