Украина губи стотици војници дневно во битката за Бахмут, тврди германското разузнување


Украински војници го сместуваат телото на нивен загинат колега кај Бахмут (Фото: АФП)

 

Федералната разузнавачка служба (БНД) на Германија е загрижена поради големите загуби на украинската армија во битките за градот Бахмут. Вакви податоци им беа презентирани на пратениците на Бундестагот за време на тајната средба оваа недела, пишува „Шпигел“.

Разузнавањето забележува дека украинската армија „губи трицифрен број војници секој ден“. Службата предупреди дека заземањето на Бахмут ќе има сериозни последици: тоа ќе влијае на целата украинска одбранбена линија и ќе им овозможи на руските трупи да притискаат понатаму во внатрешноста. Во извештајот се вели и дека руската армија дејствува со особена бруталност и „не ги зема предвид загубите во Бахмут, фрлајќи ги своите војници напред како топовско месо“.

На 20 јануари Министерството за одбрана на Русија извести за заземањето на Клешчеевка, која се наоѓа јужно од Бахмут. Министерството појасни дека селото било заземено од „доброволци на јуришните одреди со огнена поддршка од трупите на Јужниот воен округ“.

Заземањето на Клешчеевка беше најавено и во седиштето на територијалната одбрана на самопрогласената Донецка Народна Република. Ден претходно, ова го објави и основачот на „Вагнер“, бизнисменот Евгениј Пригожин, кој им го припишува ова достигнување на своите платеници. Истовремено, тој додаде дека „сѐ уште траат жестоки борби“ околу селото.

Клешчеевка е од големо стратешко значење: негзиното заземање може да доведе до блокирање на автопатот Константиновка-Бахмут. Контролата на патот ќе им овозможи на руските војници да го блокираат градот од југозапад. Британското разузнавање претходно потврди дека еден од двата главни патишта за снабдување на вооружените сили во Бахмут е под зголемен притисок. Сликите покажуваат дека од почетокот на јануари јужниот и источниот дел на градот се под интензивен артилериски оган.

Бахмут е од особена вредност за Русија, бидејќи може да се користи како отскочна штица за напади на Константиновка, Краматорск, Славјанск и Северск. Во градот се спојуваат три стратешки патшта, има железничка врска. Ова е клучна точка во снабдувањето на вооружените сили на Украина. Според воениот аналитичар Јуриј Федоров, заземањето на Бахмут од Москва се гледа како прва фаза на напредување во североисточниот дел на регионот Донецк. Ова треба да го означи почетокот на постигнувањето на стратешката цел поставена од претседателот Владимир Путин: окупација на целата територија на регионот, изјави експертот за „Нова газета Европа“.

Според украинските податоци, во декември, околу 40 руски тактички групи на баталјони биле концентрирани помеѓу Бахмут и Соледар, главно составени од платеници на Пригожин, како и воздушни единици кои дошле во областа по напуштањето на Херсон. Според американските власти, за време на борбите во секторот Соледар-Бахмут, 4.000 луѓе на „Вагнер“ загинале и 10.000 биле ранети, објави претходно „Фајненшел тајмс“.