Украина: Го уништивме рускиот команден центар на Крим


Украинската армија утринава извести дека во ноќен ракетен напад го уништила рускиот команден центар на аеродромот Саки на полуостровот Крим.

„Аеродромот Саки: погодени се сите цели“, рече командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешук, според извештаите на локалните медиуми.

Во текот на ноќта руското Министерство за одбрана објави дека неговите системи за противвоздушна одбрана собориле четири украински ракети. Извештаите не можеа да бидат независно проверени.

Чести украински напади на Крим
Од инвазијата на Украина во февруари 2022 година, украинските сили вршат чести напади на руски воени цели на Крим, кој Москва незаконски го анектираше во 2014 година.

Објектот Саки се најде на насловните страници во август минатата година кога украински проектили уништија неколку руски авиони паркирани на отворено.

Во септември оваа година, Украина го погоди седиштето на руската Црноморска флота во Севастопол со крстосувачки ракети „Storm Shadow“ испорачани од Запад.

Големиот десантен брод Новочеркаск беше потопен на 26 декември додека беше закотвен во пристаништето.