Украдена една од најславните фотографии на Винстон Черчил


Легендарната фотографија на Винстон Черчил

 

Една од најпознатите фотографии на поранешниот британски премиер Винстон Черчил е украдена во Отава, Канада. Фотографијата е позната по тоа што го прикажува Черчил без пура. Повеќе детали за кражбата пренесува канадското издание на ЦТВ.

Од хотелот „Шато Лорие“ е украдена фотографија „Лав што рика“, направена од канадскиот фотограф Јусуф Карш во декември 1941 година. Во текот на викендот, персоналот на хотелот забележал дека оригиналот на познатата фотографија е заменет со копија, според ЦТВ.

„Длабоко сме тажни поради овој дрзок чин. Како мерка на претпазливост, преостанатите фотографии во читалната се отстранети додека безбедно не се заштитат“, рече извршниот директор на „Шато Лорие“, Женевјев Дима.

Фотографијата е направена по говорот на поранешниот премиер во канадскиот парламент. Сликата го добила своето име „Лав што рика“ поради инцидент што се случил за време на фотосесија.

ЦТВ пишува дека непосредно пред снимањето, Јусуф Карш без да го праша зел пура од Черчил, поради што поранешниот премиер се намуртил пред камерата. Потоа рекол: „Можете да направите дури и лав што рика да застане за да се фотографира“. Неколку секунди подоцна е направена и втора слика, на која премиерот добродушно се насмевнува.