Укинувањето на американските царини за челик и алуминиум за Канада и Мексико ги зголеми индексите на азиските берзи


Азиските берзи позитивно реагираа на одлуката на Вашингтон за укинување на царините за увоз на челик и алуминиум од Канада и Мексико, што резултираше со раст на берзанските индекси.

Азиско-пацифичкиот индекс МСЦИ денеска забележа раст од 0,6 отсто, откако минатата недела ја заврши со пад од три проценти.

Тајванскиот индекс СЕ Вејтед порасна за 0,3 отсто, а јужнокорејскиот Коспи за 0,6 проценти.

Индексот на австралиската берза забележа раст од 1,7 отсто, за што покрај американската одлука, влијаеше и изненадувачката победа на владејачката конзервативна коалиција на саботните парламентарни избори во Австралија.

Резултатите од парламентарните избори во Индија, на кои се очекува победа на владејачката Индиска народна партија (БЈП) на премиерот Нарендра Моди, влијаеја и на растот на индискиот НСЕ индекс од 2,4 отсто.

САД викендов донесоа одлука за укинување на царините за увоз на челик и алуминиум од Канада и Мексико, на што двете земји реагираа со најава за укинување на реципрочните мерки што ги воведоа за американските производи.

Со ова е отстранета големата препрека за ратификација на новиот трговски договор меѓу трите земји, што треба да го замени Договорот за слободна трговија во Северна Америка (НАФТА).