Укинат куќниот притвор на Сашо Мијалков


Фото: Б. Грданоски

Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, излегува од куќен притвор, одреден по предметот „Титаник 2“, по изрекувањето на пресудата.

Поминаа 60 дена од изрекувањето мерка притвор, па судот одлучи да го прекине притворот и да му го одземе пасошот, но и да се јавува еднаш неделно во суд.

„Заради зголемен интерес на медиумите ја информираме јавноста дека, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по службена должност во кривично – правен предмет против С.М. согласно член 173 ст.1 т.6 в.в. со ст. 3 в.в. со член 481 ст.4 в.в. со член 146 ст.1 т.2 и 3 в.в со ст.2 од ЗКП донесе решение со кое се укинува мерката куќен притвор за обвинетиот определена со решение на Апелациониот суд – Скопје од 28.03.2019 и спрема истиот се определуваат мерки на претпазливост и тоа: Обврска обвинетиот еднаш неделно да се јавува во судот и Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна или друга исправа како и забрана за преминување на државната граница со лична карта“, соопшти Судот.

Имено со решение на Основниот суд Скопје 1 – Скопје при изрекување на пресудата за предметот од обвинителството значен како „Титаник 2“ на обвинетиот му е определна мерка притвор. Со решение на Апелациониот суд – Скопје решението на првостепениот суд е преиначено со тоа што за обвинетиот е определна мерка куќен притвор кој трае до правосилноста на пресудата, а најдолго 60 дена согласно член 481 ст.2 в.в. со член 165 ст.1 т.1 од ЗКП.

Со оглед да рокот од 60 дена истекува на 06.05.2019 година, советот постапувајќи по службена должност утврди дека мерката куќен притвор треба да се укине.

За „Титаник 2“ поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, судот го прогласи виновен и му одреди казна затвор од три години, за примање награда за противзаконито влијание и поради опасност од бегство му одреди притвор до правосилност на пресудата.

Во судскиот процес за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Титаник 2“, обвинети беа и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и четворица поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК), Бедредеин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска кои се товареа за злоупотреба на службената положба и овластување.

Судијата Огнен Ставрев ги прогласи за виновни и останатите обвинети и ги осуди на затворски казни од три до четири и пол години.