Укинат еден од притворите на Миле Јанакиески


Фото: Б. Грданоски
Основниот суд Скопје 1 му го укинал куќниот притвор на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за предметот „Титаник“ кој се однесува на изборни нерегуларности.
Ова, денеска во судницата, го изјавил Јанакиески одговарајќи на прашањето на судијата какви мерки му се одредени и за кои случаи.

Тој рекол дека до таа одлука дошло, затоа што му биле изречени две мерки куќен притвор од кои едната е за „Титаник“ а втората како осомничен за „организирање на насилството на 27 април во Собранието“.
За случајот 27 април Судот му одредил куќен притвор и забрана за комуникација со инволвирани лица во настанот односно со другите осомничени.
Во тој предмет на Јавното обвинителство како осомничени за организација на крвавите настани се водат поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот спикер Трајко Вељановски, поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски и екс началникот Никола Бошковски како и поранешниот министер Спиро Ристевски.