УЈП во петокот влегла во компанијата на синот на Ахмети


Али Ахмети (Фото: Б. Грданоски)

Во петокот Управата за јавни приходи (УЈП) била во посета на синот на Али Ахмети и неговата компанијата, каде извршила целосна контрола. Ова го вели лидерот на ДУИ Али Ахмети  во интерву за ТВ21. Тој во интервјуто открива дека има сериозни организирани напади лично кон него, но и кон партијата која ја води, јави ТВ21.

„Сериозни напади кон моето семејство, ете со тоа се соочуваме последните неколку години. Моите деца факултет завршиле во Македонија, додека магистерски студии надвор од државата. Мојата ќерка Ускана сега е докторски студии во Виена, додека синот Шкумбин сега се занимава со бизнис тука во државата. Ме замоли, да не му пречам јас, но и да не бидам јас пречка за да тој може да го развие својот бизнис“, вели Ахмети во интервјуто кое ќе се емитува вечерва од 20 часот на ТВ21.

Инаку, интервјуто е реализирано во домот на Ахмети во Зајас.

Тој вели дека неговите деца работат согласно закон и дека не се поштедени од редовни контроли и инспекции.

„Еве конкретно вчера УЈП влезе во целосна контрола во компанијата на мојот син. Тоа е во ред. Нека проверат се што имаат и истовремено ги повикувам од УЈП, финансиската полиција, јавното обвинителство, сите нека проверат се што е спорно со компаниите на моите роднини“, заклучува Ахмети во разговорот за ТВ21.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети порачува дека прашањето за уставните измени бара сериозен пристап и повикува да се внесат Бугарите во Уставот со цел продолжување на евроинтеграцискиот процес.

„Уставните измени се сериозно прашање. Има сериозни разлики со опозицијата. Ова прашање бара сериозен пристап. Се работи за иднината на државата. Видете, уставните измени се историска можност за Македонците, ако се вистински патриоти ќе гласаат ЗА. Ова го имам кажано на сите политички партии“, вели Ахмети. 

Како што пренесува телевизијата, Ахмети додава дека „на состанок пред неколку години, каде бил присутен и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им кажал за острата реторика на националистичките партии во Бугарија“.

„Јас сум бил на неколку средби во Софија, националистичките партии ми велеа – „всичко Блгари, нема македонски народ“, и да ви кажам искрено оваа нивна реторика ме вознемири, и ова бараше сериозно да се следи и анализира. Ова им го кажав на меѓународните претставници дека националистиките партии во Бугарија имаат остра реторика и тоа е сериозен проблем кој може во идинина да ни направи уште поголем проблем. Еве го проблемот денес. Затоа, да ги внесеме Бугарите во уставот. Тоа е за доброто на државата. Да одиме напред и да не се враќаме назад. Ни бегаат луѓето надвор од државата, бегаат Македонци, Албанци, сите бегаат затоа што не гледаат иднина. Со зачленувањето во ЕУ, се отвора преспектива“, вели Ахмети.