УЈП влегува во фирмите поврзани со „Рекет“


Фото: Б. Грданоски

Управата за јавни приходи влегува во фирмите поврзани со случајот „Рекет“. Од петок ќе го проверува работењето на фирмите „БМЈ медиа груп“, „Меѓународен сојуз“ и телевизијата „1 ТВ“.

„Ние ќе постапиме во делот кој што се однесува на даноците, до петок ќе дадеме налози за отпочнување на контрола и во ‘Меѓународниот сојуз’ , во ‘1 ТВ’, исто така и во ‘БМЈ медиа груп’ и кај сите останати даночни обврзници со коишто сме утврдиле преку анализата дека постоеле одреден вид на деловни односи. Исто така ќе направиме контрола и на сите оние засегнати физички лица во телата и органите на ‘Меѓународниот сојуз’ за коишто ќе ги утврдиме исплатите кои што се направени“, изјави директорката на УЈП Сања Лукаревска.

Фирмите ќе бидат контролирани по основ на сите даноци и придонеси а за физичките лица контролата ќе се врши за персонален данок на доход, објасни Лукаревска. Ќе се проверува на чии сметки се префрлувани пари и по кој основ. Доколку има индиции, за физичките лица може да следи посебна постапка за утврдување на потекло на имот, објасни Лукаревска.