УЈП испрати 862.896 годишни даночни пријави. Еве што треба да се прави ако е пресметан поголем или помал данок
Во законскиот рок – 30 април 2026 година, Управата за јавни приходи (УЈП) заврши со генерирање на Годишните даночни пријави (ДЛД-ГДП) за остварен доход во 2025 година, пришто се изгенерирани вкупно 862.896 даночни пријави, информираат од УЈП.
-Сите граѓани ќе добијат и лична порака на својот профил на „МојДДВ” или на е-пошта регистрирана во УЈП. Согласно законските одредби, секое физичко лице кое во текот на 2025 година остварило доход има обврска да ја провери и потврди годишната даночна пријава доколку податоците се точни и е опфатен целиот остварен доход за претходната година, да ја дополни со доходот кој не е опфатен или да ја коригира доколку утврди дека некој од износите не е точен. Во оваа насока, ги повикуваме сите граѓани, најдоцна до 31.05.2026 година, да направат увид во ДЛД-ГДП на нивните кориснички профили на системот „е-Даночни услуги“ https://e-ujp.ujp.gov.mk, велат од УЈП.
Апелираат граѓаните кои оствариле доход во земјава или странство во вид на пари, хартии од вредност, натура или друг вид на доход и сè уште не се регистрирани на системот „е-Даночни услуги“, во најкраток можен рок да се регистрираат на системот„е-Даночни услуги“ https://www.youtube.com/watch?v=z8hUybb_qXM за да може да извршат увид во својата ДЛД-ГДП.
-По истекот на законскиот рок за потврдување на годишните даночни пријави, пријавите кои не се потврдени/коригирани ќе се сметаат за конечни. Годишните даночни пријави кои се коригирани од страна на физичките лица, треба да се одобрат од страна на службено лице од Управа за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава, Управата за јавни приходи ќе донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2025 година, појаснуваат од УЈП.
Нагласуваат дека обврзниците во чија ДЛД-ГДП се појавува повеќе платен данок, имаат можност во самата пријава да искажат барање за враќање на данокот и да ја внесат својата трансакциска сметка.
Според податоците од ДЛД-ГДП, Управата за јавни приходи издава уверение за остварен доход и дава податоци до други органи кои одлучуваат за права на граѓаните. Овие податоци може да бидат одлучувачки за остварување на правата на корисниците. Дополнително, доколку во 2025 година оствариле доход повисок од 2.000.000 денари по основ на изнајмување деловен простор во земјата, давање менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давање приватни часови на ученици и студенти, од продажба на земјоделски производи или друг доход кој произлегува од континуирано вршење оданочив промет (http://www.ujp.gov.mk/e/javnost/soopstenija/pogledni/1182), корисниците треба да се регистрираат за цели на ДДВ, или Управата за јавни приходи по службена должност може да ги регистрира како ДДВ обврзник врз основа на податоците од ДЛД-ГДП.
-Кај обврзниците во чија ДЛД-ГДП се појавува обврска за доплата на данок, по истекот на рокот за потврдување и коригирање, ќе се генерира налог за доплата со фолио број и истиот ќе биде содржан на третата страна во печатењето на даночна пријава (PDF документот), посочуваат од УЈП.
За дополнителни информации околу исполнувањето на обврските за пријавување на доход, плаќање и враќање на данок корисниците може да се обратат на [email protected], или на некој од контакт телефоните во Контакт центарот: 02 3253 200 или на 0800 33 000 (само од фиксни оператори).