УХМР: Дождот утре ќе „удри“ во градските средини


Фото: Б. Грданоски

Најавеното нестабилно време со локални поројни врнежи дожд нема да предизвика излевање на поголемите реки во земјата, но можно е слевање вода во градските урбани средини, соопшти УХМР.

Според Управата, при краткотрајни интензивни врнежи можно е локално брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците.

-Во текот на денешниот и утрешниот ден ќе продолжи да преовладува нестабилно време локално со појава на поројни врнежи, грмежи и засилен ветер. Ваквите временски услови нема да претставуваат опасност за излевање на поголемите реки во земјата. Доколку на одредени места врнежите бидат поинтензивни и паднат за кратко време и ако бидат во форма на невреме придружувани со силен ветер (кој се очекува во текот на утрешниот ден) можна е појава на слевање вода во градските урбани средини поради неможноста за нејзино одведување за толку кратко време. Исто така, при краткотрајни интензивни врнежи можно е локално брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците. При такви околности, предупредуваме на внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците низ земјава, наведува УХМР.