УХМР: Не постои опасност од излевање на поголемите реки заради поројниот дожд

Фото: Б. Грданоски

Викендов повторно се очекуваат локални поројни врнежи од дожд, на места доста интензивни, во вид на невреме и проследени со ветер, грмежи и град. Како што информираат од УХМР, ваквите процеси можат да предизвикаат појави на течење и слевање на вода низ градските улици поради неможноста за одведување на водата во толку краток временски интервал.

– Исто така, поради очекуваниот интензивен дожд локално на некои места, можно е брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците, каде посочуваме за внимателно движење. За поголемите реки не постои опасност од нивно излевање, соопшти УХМР.

Во вечерните и ноќните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со поинтензивен пороен дожд и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 23 до 29 степени.

Според УХМР,  и утре ќе имаме променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утринската температура ќе се движи од 13 до 21, а дневната од 22 до 32 степени. УВ-индексот ќе изнесува 7.

Од понеделник ќе има стабилизирање на времето и ќе престанат врнежите.