УХМР: Следува променливо време, со дожд и опаѓање на температурите


Фото: Б. Грданоски

Променливо време со дожд, ветер и опаѓање на температурите најавуваат од УХМР за наредните денови.

Утре ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува умерен, во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец.

Во среда и во четврток ќе има повремени врнежи од дожд. Температурите ќе бидат во опаѓање, особено во четврток кога ќе дува повремено силен северозападен ветер.

Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди и натпросечно топло. Ќе дува умерен до засилен, а во јужните делови повремено силен ветер (со брзина над 70 км/час) од јужен правец.

Попладне и во текот на ноќта на места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 32 степена. Во Скопје времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со умерен до засилен јужен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повремено нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.