Угриновски тврди: Објектот „Даре Џамбаз“ на Водно ќе си остане планинарски дом


Претседателот на Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ПФСМ), Јовица Угриновски, денес на прес-конференција информираше за спорот со планинарскиот клуб „Бистра“ околу управувањето со планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно.

Тој ги отфрли шпекулациите дека домот ќе биде претворен во ексклузивен ресторан или хотел.

– Ги поканивме сите клубови членки на федерацијата за управување на планинарскиот дом на врвот на Водно „Даре Џамбаз“. Основен услов беше да остане неговата сегашна функција – планинарскиот дом. Најповолната понуда е од клубот „Х2О“. Испратени се информации за резултати од конкурсот до сите клубови, по што следуваше жалба од ПК Бистра, рече Угриновски.

Тој додаде дека по неколку неуспешни обиди домот да биде примопредаден на „Х2О“, претставници на ПФСМ во присуство на нотар влегле во „Даре Џамбаз“ и безпредтметна е кривичната пријава поднесена до новиот управител со објектот.

Претседателот на комисијата за планинарски домови, Живко Темелковски кажа дека до пред извесно време постојано им се продолжуваше договорот на клубот „Бистра“, но во последните години се смени раководството и домот е доведен во лоша состојба.

– Тој клуб се сведе на неколку членови кои раководат со домот кој е доведен во состојба на неупотребливост, паднати плафони, пајажини, упропастен инвентар. Бидејќи закупецот не го одржуваше домот тековно, одлучивме да не им го продолжиме договорот во следниот период, рече Темелковски.

На крајот, првиот човек на федерацијата, Угриновски, ги повика медиумите да го посетат домот „Даре Џамбаз“ за да видат во каква состојба се наоѓа. Тој изрази уверување состојбата која е „тотална запустена и нехигиена“ со инсталации кои висат по ѕидовите, по само два месеца ќе се смени на подобро.

Планинарите сепак не се уверени во аргументите на Угриновски. 

„Тивко и подалеко од очите на јавноста, неколкумина од раководството на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) со соодветен алат ги откорнале бравите на влезната врата на Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно и насилно влегле во домот, предавајќи му го на тој начин на новооснованиот планинарски клуб „Х2О“ во владение. Целта на овој упад е да се превземе планинарскиот дом, кој шест децении беше отворен за сите негови посетители без оглед на длабочината на џебот, кои во него наоѓаа засолниште, место за одмор, закуска, дружење и негово претворање во комерцијален угостителски објект. Со овој чин се затвора последниот јавен објект за одмор и рекреација на граѓаните на планината Водно граден со пари на нашите родители, дедовци и баби.Понудата која победила на тендерот распишан од ФПСМ преку клубот „Х2О“ ја дале засега неидентификувани, но добро познати угостители од Скопје. Отсега, значи, доколку не одлучи поинаку надлежниот Суд, скопјани и сите други посетители на Водно, во иднина ќе немаат ниту едно засолниште со покрив  каде ќе можат да се преслекуваат, да се стоплат и закрепнат, да си каснат сендвич од ранец, да си поседат, без да се присилени да плаќаат кафански цени за тоа задоволство, бидејќи условите на идните газди на домот на Крстовар бил – тоа да биде забрането во идниот објект!- стои во реакцијата на Југослава Дуковска, во име на планинарите.
 
Според неа „неименуваниот угостител“ ветил дека ќе инвестира во „оплеменување“ на Домот Даре Џамбаз ДУРИ 45.000 евра – ама „само под услов ако се тргнат оние со сендвичите и туршиите и маиците што се сушат покрај печката!“ 
 
„Најпрвин „си отиде“ домот на Средно Водно, даден пред повеќе години на братот на претседателот на ФПСМ „на користење“. Кој го „користи“ и за што, кој е љубопитен нека истражува ама планинари не го користат. Епилог- тој објект повеќе не е планинарски дом.
Потоа на ред дојде домот на акумулацијата Матка, исто така „даден на користење“ од истите луѓе од ФПСМ, а всушност продаден за нешто повеќе од 53 илјади евра (плус месечни хонорари). Епилог – ниту тој дом повеќе не е (а и не личи дека некогаш воопшто ќе биде повторно) планинарски дом. Кој бил барем еднаш таму, ја знае кафаната, не треба ни да му објаснувам.
Ако се потсетиме дека Поштенски дом е купен од една од фирмите на Орце Камчев и намерно оставен да се урне, како и објектот на некогашното детско одморалиште на Горно Водно, денес во опасно руинирана состојба и без струја, во кој полулегално се собираат помали групи планинари на Водно – едно што го има Скопје – од вчера веќе згасна јавната функција на планинарскиот дом на врвот на Водно и замина во историјата!- стои во реакцијата, со „честитка“ до ФПСМ на упорноста и истрајноста во уништувањето на сите јавни објекти наменети за планинарски домови во Македонија. 
 
„ ОК, помогна и тоа што во вашите редови има луѓе кои имаат специјални релации со владеачките структури, кои се блиски до одредени министри, одредени „структури“ од сите режими и сите времиња, па успешно го трансформиравте и последното парче од општествено добро во сигурни приватни раце! Искрено, мислам дека планинарството во Македонија, посебно неговата инфраструктурна компонента е на она дереџе на кое заслужува да биде, со ваков народ и со ваков менталитет“, стои во реакцијата на планинарите.