Угостителска комора: Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите

Независната угостителска комора реагираше на најновите мерки за оваа дејност порачувајќи дека многу  побезболно, подобро и поквалитетно решение  ќе беше Владата, наместо да удоволи на Комисијата за заразни болести, да излезе во пресрет на барањата на директорот Стојко Пауновски да се зголемат ингеренциите.

 

-Што правиме ако бројките на заболени и понатаму растат? Која ќе биде причината тогаш? Дали ќе имаат доблест и смелост да се извинат и да ја надокнадат штетата што ја прават на угостителите д-р Караџоски и министерот Филипче и јавно да признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза, туку оправдание за избегнување на одговорноста од погрешните донесени мерки и генерални препораки за спречување на коронавирусот, тврдат од  Независната угостителска комора.

-И повторно без никаква дебата или консултација со угостителите, естрадните уметници или коморите и здруженијата, Д-р Караџовски злоупотребувајќи ја Комисијата за заразни болести САМОВОЛНО поради само десетина неодговорни угостители и угостителски објекти одлучи да казни 6500 угостители со 35000 вработени. Наместо да изработат и предложат или ги прифатат нашите предлози за унифицирани препораки на целокупната угостителска индустрија, КЗБ со нови парцијални промени на протоколи за работа само ќе го докомплицира работењето на угостителите и естрадните уметници и ќе предизвика непотребни протести и угостителска криза со Владата на РСМ – велат од Комората.

Со давање поголеми ингеренции на Пазарниот инспекторат, сметаат тие, ќе се овозможи инспекторите веднаш да ги казнат, затворат и пломбираат угостителите кои не ги почитуваат важечките законски прописи, уредби и протоколи за работа со што ќе се овозможи на сите останати угостители кои максимално се залагаат во почитување на истите да работат со цел да опстанат.

-На секој од нас му е јасно дека новите ограничувања односно промена на протоколите за работа нема да го решат зголемениот број на заболени. Свесно ги поттикнуваат и приморуваат младите и гостите од угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава, како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без апсолутно никаква контрола и никакви механизми за заштита и превенција на личното и јавното здравје. На овој начин  Караџовски,  Филипче и Владата ќе создадат т.н. нови патриоти и ХЕРОИ – БОРЦИ за човекови права и слобода и права на гостите во угостителските објекти.

Ако некогаш херојство било да се даде животот за подобра иднина на општеството, денес ХЕРОЈСТВО претставува масовно кршење на правилата и законите и загрозување на што повеќе животи. Решенијата и работењето на Комисијата за заразни болести не доведе во ситуација во која борбата за кој е попаметен и поспособен со традиционалните човечки вредности да ја изгубат секоја вредност. Веќе не е битно дали си доследен на сопствениот збор, дали ги почитуваш и респектираш законите и колегите денес СЕ ПОКАЖА побитно е дали и колку повеќе можеш да навредиш, што повеќе да прекршиш од важечки закони, препораки и протоколи и со тоа да постанеш “главна медиумска фаца” дека не само што си над сите нас, туку и над сите важечки закони и над општествени правила.- стои во соопштението.

Од друга страна да не заборавиме, велат оттаму, дали се само “угостителите” одговорни и криви за т.н. големи настани. Ниеден угостител или угостителски локал самостојно од продадени карти и пијалоци со овие протоколи за работа не може да ги покрие трошоците на гостување на познати естрадни пејачи и DJ од соседството.

-Дали друштвата кои спонзорираат пејачи како Владо Георгиев – ТИКВЕШ, САМАНТА, ПЕЛИСТЕРКА, RED BULL, TESORO, BWI – Best Way Investment кои себеси се сметаат за општествено одговорни фирми од една страна не треба да сносат подеднаква кривична одговорност со угостителите аа поттикнување и заедничко здружување за допринесување во организација за ширење на заразни болести? И за крај да не се залажуваме дека новите донесени промени во протоколите за работа на угостителски објекти нешто ќе променат кај оние за кои истите не постојат. НЕМА! Нема затоа што поголемиот дел од пријавите и записниците ќе немаат судска завршница. Новите промени во протоколите за работа ќе ги потикнат најзагрозените естрадни уметници и угостители да тргнат заедно во борба за своите права и слобода на работа што ќе предизвика континуирана граѓанска непослушност и протести со кои ќе се срушат сите изградени мостови на комуникација и можност за надминување и решавање на проблемите по пат на дискусии и дебати- велат оттаму.