Угостителите се налутија, не сакаат празни ветувања


Се чудиме на ладнокрвноста и неодговорноста на владата и претседателот на владата на нашето итно барање за отворена јавна средба со учество на медиумите. И наместо претседателот на владата да излезе во медиумите со покана  угостителите добија празно ветување од министерот за економија Крешник Бектеши со вчерашните изјави дека цитираме: “..на почетокот на следната година ќе размислиме за дополнителни мерки кои ќе се однесуваат на поддршка на угостителскиот сектор, имајќи предвид дека тоа сме го правеле и претходно со сите дејности кои со одлука на влада биле затворени или им било скратено работното време”.

Угостителите немаат намера и нема да дозволат веќе да се залажуваат со празни и несериозни ветувања како мали деца. Да имате смелост да ветите нешто што е неопходно веднаш и итно да го направите, дека ќе го размислувате следната година е исто како на заразен од Ковид-19 на кој му е неопходен респиратор да преживее да му кажете дека ќе му го дадете на располагање следната недела!

Овојпат здружени заедно како угостители ќе ги запазиме сите законски права и процедури во остварување на нашите права во поднесувањето за надомест на штети не само за овие последни рестриктивни мерки туку и за сите останати претходно донесени.

Како што напоменавме во наши минати соопштенија и изјави овојпат законски ќе побараме сериозна одговорност и образложение на Комисијата за заразни болести од која ќе побараме да ни ги достави записниците од состаноците со сите образложенија зошто се овие мерки селективни и дискриминирачки и зошто додека на едни (угостителите) во континуитет им се ограничуваат и скратуваат правата за работа со препораки преку владини одлуки, на други им се даваат само препораки со што преќутно им се овозможува да прават што сакаат и притоа да не сносат никакви последици и консеквенции од своето работење.

Го потсетуваме претседателот на владата дека половина од рокот на барање за итна јавна средба отворена за јавноста и учество на медиумите истекува и очекуваме најдоцна до утре да ја да добиеме поканата. Се надеваме дека Владата нема да си го приушти задоволството да ги потцени 6.500 угостителски објекти со 35.000 илјади вработени кои секојдневно опслужуваат повеќе од пола милион гости и навреме ќе излезе со покана за средба, стои во реакцијата.