Угостителите бараат да бидат пријавени со полно работно време, К-15 и бенефициран стаж
Синдикатот за угостителство и туризам при Конфедерацијата на слободни синдикати бара да се реши статусот на угостителските работници, да бидат пријавени со полно работно време и да им бидат платени прекувремената работа и работата за време на празник согласно Законот за работни односи.
– Бараме да се изнајде начин сите работници од нашите сектори да добијат сигурност. Вината што голем дел сме непријавени и не можеме сега да ги оствариме правата, не е само наша, туку и ваша, затоа што затаил системот на контрола, односно инспекторатите, истакна Влатко Николовски од Синдикатот за угостителство и туризам на денешната прес-конференција.
Синдикатот бара и задолжителна исплата на К-15, бенефициран стаж и платен годишен одмор од минимум 20 работни дена.
– Не отвораме војна против никого, сакаме само да се има слух и за нас и да се преземе конкретно решавање на нашите барања, рече Николовски.
Според проценките на Синдикатот, во угостителството се пријавени околу 20.000 работници, а во овој сектор работат околу 70-80.000 работници.
Синдикатот за угостителството и туризмот брои околу четири илјади членови.