Угостителите бараат спас од Уставниот суд, мерките ги сметаат за селективни


Независната угостителска комора денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на последната одлука на Владата со која се ограничува работното време на угостителските објекти до 18 часот.Според НУК, мерката е селективна бидејќи, како што велат, ниедна друга индустрија или занаетчии во моментов не се ограничени во своето работење.

„Ја поднесуваме оваа иницијатива со цел да укажеме на неправилностите на селективната политика што се води кон угостителската индустрија, надевајќи се дека Уставниот суд ќе реагира брзо и дека ќе имаме можност уште наредната недела да го вратиме последното работно време се со цел новогодишните празници да ги испратиме како што треба“,изјави Здравко Јосифовски од НУК.

Јосифовски се надева на брза реакција на Уставниот суд и дека по кратка постапка пред Нова година ќе успеат да добијат мислење од судот.

„Никој не ја спори мерката, ја почитуваат сите угостители максимално, проблемот е што мерката не е придружена соодветно со надомест на штета со правото кое ни е ограничено да можеме нормално да работиме и со кое ни е одземено, а согласно Уставот сите сме еднакви и рамноправни“,потенцира Јосифовски.

Тој додаде дека со оваа мерка угостителите ќе претрпат штета од околу 20 милиони евра, а иако барале средба, досега не добиле покана од Владата за да се разговара за дополнителна економска помош.

Коментирајќи ги барањата на Независната угостителска комора, министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција рече дека Владата не размислува за промена на оваа мерка, бидејќи е донесена на препорака на Комисијата за заразни болести. Вети дополнителна економска помош за угостителите во првиот квартал од следната година, но посочи дека според него, угостителите се едни од оние кои добија најголема помош од државата за надминување на кризата.