Руско-украинската криза го менува местото на финалето на Лигата на шампионите?


Претседателот на Европската фудбалска организација Александар Чеферин свика во петок вонреден состанок на Извршниот одбор на УЕФА по повод руската инвазија на Украина.
На состанокот челниците на УЕФА треба да разговараат за многу фудбалски теми во новонастанатата ситуација во Европа, а веројатно главното прашање треба да биде одредување на местото на финалниот натпревар од оваа сезона во Лигата на шампионите.

Претходно беше утврдено дека финалето ќе се игра на 28 мај во Санкт Петербург, но се повеќе се настојува финалниот натпревар од елитното натпреварување да не се одржи во вториот по големина руски град.

Ситуацијата автоматски се усложнува поради многуте врски кои моментално ги имаат УЕФА и Русија, па така руски Гаспром е партнер на Европската фудбалска организација и Лигата на шампионите. УЕФА во моментов има важечки договор со Гаспром вреден 35 милиони евра годишно.

Инаку, УЕФА официјално соопшти дека руски Зенит од Санкт Петербург, засега, нормално ќе се натпреварува во Европската лига, каде овој четврток гостува во Севиља против Бетис, во реваншот од плеј-офот на тоа натпреварување. Во првиот натпревар Зенит на домашен терен загуби со 2-3 од Бетис.