УЕФА го казни Мурињо со четири натпревари


 УЕФА му изрече суспензија од четири натпревари во европските клупски натпреварувања на португалскиот тренер Жозе Мурињо поради навреди на адреса на англискиот судија Ентони Тејлор.

Суспензијата е изречена откако УЕФА ја заврши интерната истрага поврзана со контроверзното финале во Лига Европа во кое Севиља на пенали ја совлада Рома, предводена од 60-годишниот Мурињо.

Португалскиот стратег за време на финалето нервозно го коментираше судењето, а сè кулминираше на прес – конференцијата по натпреварот и потоа на паркингот пред стадионот Пушкаш во Будимпешта кога Мурињо со вулгарни зборови го обвини Тејлор дека е главниот виновник за поразот на неговата екипа.

УЕФА, воедно, ја казни и Рома со 50.000 евра поради користење пиротехнички средства од нејзините навивачи, како и со дополнителни 5.000 евра поради непримерно однесување на фудбалерите на италијанскиот клуб.