Удрил во пешак со возило, па избегал


Фото: Б. Грданоски
Во изминатото деноноќие во три одделни сообраќајни незгоди повредени се двајца пешаци и еден мотоциклист, соопшти МВР.
Вчера во 10.30 часот било пријавено дека на ул. „Козле“ во Скопје, патничко моторно возило удрило во пешакот М.С.(50) од Скопје по што го напуштило местото на настанот. Во незгодата, пешакот се здобил со тешки телесни повреди по што бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се работи на расчистување на случајот.
Синоќа, во 21.30 часот на крстосницата од бул. „Никола Карев“ и влез кон касарната „Илинден“, патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Т.(52) од Неготино, удрило во пешакот И.Р.(54) од Скопје. Во незгодата пешакот се здобил со тешки телесни повреди по што бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа на СВР Скопје.
Денеска во 00.55 часот на крстосницата од улиците „Александар Македонски“ и „Борка Талески“ во Прилеп се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „опел вектра“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Б.М.(20) од Прилеп и мотоцикл „јамаха“ со прилепски регистарски ознаки, управуван од Ц.П.(18) од Прилеп. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот и бил пренесен во болницата во Прилеп за укажување лекарска помош. Увид извршила екипа на Полициската станица Прилеп.