Удар за ГЕРБ: Марија Габриел ја изгуби функцијата во ЕПП

Откако лани во ноември изгуби во натпреварот за заменик-генерален секретар на НАТО од Радмила Шекеринска, жената од најголема доверба на Бојко Борисов, Марија Габриел, вчера изгуби уште една битка. На конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Валенсија таа не беше избрана на гласањето за потпретседатели на ЕПП.
Делегатите на конгресот избираа 10 потпретседатели од 12 кандидати и Марија Габриел не беше избрана. Таа досега беше потпретседател на ЕПП. Ова е прв пат партијата ГЕРБ на Борисов откако има пратеници на во Европскиот парламент, да нема човек во раководството на ЕПП.
Пред да се дознаат резултатите Борисов на Фејсбук напиша:
„Заедно со бугарската делегација во Валенсија гласавме за генерален секретар на ЕПП и бугарската номинација на потпретседател на партијата – Марија Габриел“.
Габриел во ноември беше назначена за претседател на Институтот „Робер Шуман“ на Европската народна партија и тоа само неколку часови откако беше обелоденето дека Шекеринска стана втор човек во НАТО.
Манфред Вебер беше избран за нов тригодишен мандат на чело на ЕПП (иако со многу помала поддршка отколку што се очекуваше), а Шпанката Долорс Монтсерат е генерален секретар.